Од утре забрана за прием во градинка за сите деца од Скопје кои не ја примиле МРП вакцината. Оваа мерка ја донесоа здравствените власти по ширењето на малите сипаници во речиси сите скопски општини. Прогласија епидемија во главниот град бидејќи изминатите два дена биле регистрирани 12 случаи на морбили од кои 6 и официјално биле потврдени а за останатите чекаат лабораториски резултати. Од Здравствениот санитарен и здравствен инспекторат веднаш ќе достават решенија до сите градинки и очекуваат вработените да ја почитуваат наредбата.
– Донесовме ваква мерка, видете, 15 000 невакцинирани е сериозна и голема бројка и не смееме да дозволиме ширење на заразата имајќи во предвид како е во другите земји околу нас, вели Венко Филипче, министер за здравсто.
– Ќе вршиме контроли во градинките и ќе видиме дали почитуваат мерки, ова моравме да го донесеме бидејќи не смее да се дозволи работите да излезат од контрола, вели Лилјана Ристевска, инспектор во ДСЗИ
Дури осуммина од новозаболените се хоспитализирани на Клиниката за инфективни болести. Меѓу нив има и осуммесечно бебе кое добило компликација од морбили.
– Имаме со бронхопневмонија, со гастроинтестинални проблеми и двајца се со посериозни компликации, вели др. Сања Маринковиќ од Клиника за инфективни болести.
Во услови на епидемија надлежните велат дека ќе биде намален и прагот за вакцинирање и ќе боцкаат и деветмесечни бебиња. Епидемиолозите апелираат до родителите да ги вакцинираат децата за да не дојде до масовно ширење на болеста која може да биде и смртоносна.
– Ние сме имале пред 40 години епидемија каде имало голем број смертни случаи. Такво нешто не смееме да дозволиме, вели Жарко караџовски, епидемиолог во ИЈЗ
Од Комисијата за заразни болести кои ја донесоа одлуката за забрана во одење во градинка се свесни за револтот кој ќе настане кај родителите, но велат законите мора да ги почитуваат сите. Претходно беше прогласена епдиемија во Радишани каде имаше 7 случаи од кои 5 дечиња од градинка.