Се сруши рид во селото Мрежичко и ја оштети фабриката за производство на пиво на компанијата „Кожувчанка”. Според првичните проиценки штетите се огромни. Оштетен е објектот. Земјата навлегла внатре, а има штети и на опремата, јавува Дума.мк
Голем рид се свлече врз фабриката за производство на пиво на компанијата „Кожувчанка„ во селото Mрежичко. Штетите се огромни и ќе биде запрено производството на пиво во наредните дваесеттина дена. Денеска веднаш се започна со санирање на штетите. Глетката на лице место е стравична. Таа е последица на огормната количина земја која го проби ѕидот на фабриката и навлезе во производните погони на „Кожувчанка“. Има оштетување и на опремата.
„Штетата е огромна. И во изминатиот период имавме интервенирано на ова свлечиште, но лизгањето на земјата не престана. Досега имаме исчистено околу 2,5 илјади кубни метри земја и кал. Земја навлезе и во главните варилници. Се претпоставува дека внатре има над три илјади кубика земјен материјал. Веднаш почнавме со акција за санирање на штетите.
Се мобилизравме и ние и градежните комапнии. Работната рака е од нас. Штета ќе мора сами да ја покриеме. Се надеваме дека за 15 дена нашето производство ќе продолжи“ рече комерцијалниот директор Лазар Којчев.
Тој нагласи дека комапнијата сама ќе ги сноси трошоците за санирање на свлечиштето и повторно ставање во функција на целата опрема која исто така е многу оштетена. Досегашната инвестиција на „Кожувчанка“ во овој производстверн комплекс изнесува 1,2 милиони евра.