„Положувањето на венец од страна на министерот за одбрана и припадници на АРМ на споменик на припадниците на ОНА претставува придонес кон процесот на помирување кој е неопходен за Република Македонија и нејзините граѓани”, велат од Министерство за одбрана.
Од Министерството велат дека потегот е политичка одлука, и е испочитуван Законот за одбрана на Република Македонија.
„За некои можеби беше спорно и поклонувањето на министерот за одбрана Фатмир Бесими пред споменикот на загинатите припадници на АРМ од 2001 година, но тој се одлучи да оддаде почит бидејќи тоа е негова должност како министер за одбрана на Република Македонија и верува дека помирување и заедничкиот живот се единствената иднина за сите граѓани на Република Македонија”, пренесува Макфах.
Генералштабот на АРМ пак со соопштение се огради и вели не биле информирани дека делегација на АРМ ќе положува цвеќе.
“Во врска со вчерашното полагање венци во Слупчане од страна на Министерот за одбрана, ја информираме јавноста во Република Македонија дека Генералштабот на АРМ се оградува од истиот. Имено, за споменатиот настан Началникот на ГШ на АРМ не беше информиран од страна на Министерството за одбрана. Лицата кои беа во придружба на Министерот за одбрана се од составот на Министерството за одбрана“, пишува во реакцијата.
Се огради и Владата. Според официјалното соопштение од Владата пак министрите кои вчера се поклонија пред споменикот на УЧК во Слупчане не биле во својство на владина делегација, бидејќи за тоа немало одлука.
„Одлуките за одбележување на настан со присуство на официјална делегација на Владата се носи на владина седница со заклучок. Владата нема донесено одлука за официјално одбележување на настанот што се случил вчера во Слупчане, ниту пак има испратено владина делегација на таков настан“, се вели во официјалната реакција од Владата.
Вчера пред споменикот во Слупчане се поклонија министерот за правда Блерим Беџети, министерот за одбарана Фатмир Бесими, вицепремиерот Муса Џафери и заменикот во МВР Џелал Бајрами, како и 5 офицери на АРМ.