Сé почесто сретнувам избезумени луѓе поради мувлата што им се појавува во домот. Други, мака мачат да го загреат просторот, иако греењето им е „одвртено до максимум“. А речиси сите се незадоволни од висината на трошоците за загревање…
Што се тоа топлински мостови?
Го знаете ли она чувство дека околу прозорците дува, а тие се нови и убави? Сте го почувствувале ли подот колку е студен во близина на балконите? Дали некогаш Ви се случило прозорците или ѕидовите да кондензираат вода, дури и да се прашате дали можеби протекуваат? Сте се соочиле ли со неверојатно ладни места на ѕидовите, иако убаво греете? Имате ли мувла или влага по аглите? За сите овие појави, главен „виновник“ се токму топлинските мостови.
Топлинските мостови се „слаби места“ во топлинската изолација на објектот, каде заради разни причини истата се намалува, се прекинува, воопшто ја нема или има премин од еден во друг тип материјал. Причините кои доведуваат до топлински мостови се: геометриски – места каде изолацијата го менува својот правец, состав или дебелина (агли, слемиња, стреи, греди и столбови, монтажа на прозорците во ѕидовите и слично) или конструктивни – места каде конструктивни елементи од објектот ја пробиваат изолацијата (најчест случај се балконските конзолни плочи и греди, но често и разни столбови и ѕидови кои заради потребите од стабилност на конструкцијата не смеат да се прекинат).
Сега замислете го вашиот дом или работен простор и обидете се да се сетите колку агли има на фасадата, колку стреи, колку прозорци и колку балкони имате. Сите тие претставуваат линиски топлински мостови низ кои течат вашите пари, низ кои се губи вашето здравје и сите тие се места каде постои опасност од појава на мувла или влага. А зачудувачки е дека со децении ваквите појави се занемаруваат.
Како да се победат топлинските мостови?
Само со добро планирање, со употреба на вистински материјали и со прецизно изведени детали, може да извојуваме победа. При решавањето на топлинските мостови, пристапот е различен и зависи од видот на проблемот.
Со употреба на „мали мајстории“ се употребуваат материјали со помала топлинска проводливост, токму на тие места и со тоа проблемот е решен.
И на крај, посебно внимание посветувам на прозорците – со т.н. пур-пена околу прозорецот, метални дистанцери меѓу стаклата од стаклопакетот и поставувањето на стаклото со т.н. пакни или подметки, повеќе од сигурно е дека парите за квалитетни прозорци се бесполезно потрошени.
Повеќе на – Енергетска ефикасност