Откриениот таен загубен град на Македонија е најновата археолошка атракција која предизвика огромен интерес кај Македонците, пишува Нова Македонија.
Ова место се наоѓа на надморска височина од 1470 метри, и претставива највисоко откриениот град во земјата. Повисок е и од Крушево за околу 200 метри. Има поглед што се протега до Кожув, Ниџе, Пелистер, Битола, Прилеп, Демиркаписката Клисура, низ целата мариовска долина и речиси цела Пелагонија.
Најблиската точка до Висока до која може да се стигне со обично возило е мариовското село Крушевица. Стара и живописна сточарска населба од камени куќи, во која останале уште триесетина жители, кои чуваат неколку илјади овци и закачуваат низи со тутун од едниот до другиот крај на своите фасади.
Најновата археолошка атракција на Македонија предизвикува голем интерес бидејќи е посебна по многу нешта. За почеток, тоа е досега највисокиот откриен град во земјава, на надморска височина од 1.470 метри, со што е за околу 200 метри повисок од Крушево. Таа е и единствената градба од своето време на овие простори направена од правоаголни камени блокови долги и по два метра, а тешки по неколку тона. Висока е повеќе дел од небото отколку од земјата, како што ја опишува професорот Виктор Лилчиќ, директорот на Управата за заштита на културното наследство.
Но зошто некој градел толку високо и толку далеку од сѐ?
– Затоа што локацијата е недостапна и е стратегиска точка. Доказ за тоа е и што местото не било напуштено сѐ до 6 век од нашата ера, значи околу илјада години. И не само тоа, туку има фрагменти и од праисторијата, а било значајна точка и во Првата светска војна – вели археологот Дејан Кебакоски од прилепскиот Институт за старословенска култура, кој го предводеше тимот од 18 члена, од кои 11 археолози, кои ги вршеа годинешните истражувања.
А кој го изградил? Кебакоски и директорот Лилчиќ ја споделуваат истата претпоставка, бидејќи крунски доказ, како натпис, сѐ уште не е најден. Во времето од кога датира локалитетот најмоќниот човек во Пелагонија бил кралот Менелај, и се смета дека само тој можел да си дозволи да направи такво здание. Се смета дека тоа било акрополата (горниот град) на градот на Пелагонците, а околу него е подградието.