Откриен засега непознат антички град во Кривогаштани


Голема воена населба или засега непознат антички град, што крие локалитетот Локвенско кале во општина Кривогаштани? Ова се прашањата кои се поставуваат со најновите археолошки истражувања кои за прв пат годинава се изведуваат на ова место. Засега откриено е дека локалитетот е составен од акропола каде живеело населениетоидве некрополи каде се погребувале починатите. Годинава истражувањата се насочени кон постарата некропола.krivogastani arheologija

Овој локалитет се наоѓа точно на тромеѓето помеѓу општините Кривогаштани, Долнени и Крушево. Од тука се гледа скоро половина Пелагонија. Поради значајната и стратешка позиција на ова место и наодите кои се пронајдени во некрополата се претпоставува дека станува збор за воена населба која функционирала во тој период.

„Претпоставката е дека во 4 век ова место е направено да служи како моќна воено-стратегиска база за надгледување на варварските народи кои навлегувале од север. Понатаму како се развивала оваа населба и дали нејзиниот карактер преминал и во цивилна населба треба да се потврди со истражувања на овој локалитет и тоа во акрополата“, вели м-р Дејан Кебакоски, раководител на проектот.

И според директорот на Управата за заштита на културното наследство Виктор Лилчиќ станува збор за позначајно откритие на антички град кој засега останува непознат.

„Норовско или Локвенско кале било оградено со еден огромен ѕид и тој бил широк од 2 до 3 метри, не е откипан. Се надевам дека во догледно време ќе го отвориме, ќе го конзервираме и ќе го отвориме за туристите и јавноста. Тоа е горниот град, акрополата. Таму југозападно се наоѓа долниот град, кој се вика Градиште и интерресно е тоа што сите тераси биле населени. Ние сеуште незнаеме како се викал тој град. Претпоставуваме дека можеби тој бил античкиот град Писаион што е споменат во историските извори. Јас се надевам дека во некој среќен ден ќе излезе некој епиграфски споменик и натпис каде ќе биде напишано името. Главно е тоа што овој град бил оформен во архајскиот период, па живеел се до римско време“, истакна Виктор Лилчиќ, директор на Управата за заштита на културното наследство.

Наодите кои биле откриени во гробовите укажувале на тоа дека се работи за воени лица. Засега биле откопани 8 гробови.Во еден од нив се пронајдени и монети со ликот на Александар Македонски кои според првичните информациии потекнувале од 4 век. п.н.е.

Според верувањата во антиката овие монети биле поставувани во гробовите за да може покојниот со нив да го плати патот до светот мртвите. Бидејќи тука станува збор за сребрена монета се претпоставува дека тука е погребан некој финансиски помоќен жител на таа населба.

Освен монетите откриени биле и други вредни предмети.

„Отворени се околу 130 м2 од некрополата, пронајдени се еден краток железен бодеж, игла омега тип и се пронајде сребрена пиксида изработена во техника на филигран со златна жица. Ова е исклучително интересен и редок примерок и мислам дека на територија на Македонија ова е третиот досега пронајден ваков примерок“, додаде м-р Дејан Кебакоски, раководител на проектот.

Од локалната самоуправа велат дека во иднина планираат од ова место да направат вистинска туристичка атракција и да обезбедат пристапен пат за туристите.

„Доколку наодите покажат дека се работи за град кој е од големо значење за историијата на Македонија ние како општина, нормално во содејство со министерстовот за култура, Владата на РМ и соседните општини ќе изготвиме еден проект за да може сите оние кои сакаат да можат да го посетат тој локалитет и да имаат пристап до некрополата“, потенцираше Тони Заткоски, градоначалник на Кривогаштани.

Истражувањата планирано било да траат уште 2 недели и да продолжат идната година.

MK News

Автор инфо

No comments yet.

Остави коментар

UA-33057274-1