Триесетгодишната чесна сестра Роксана Родригез, по потекло од Салвадор а на служба во Италија, ги изненадила другите калуѓерки во манастирот и локалните свештеници кога минатата недела се породила, а родила синче кое го нарекла Франциско во чест на папата.
Сестрата Роксана тврдела дека не знаела оти е бремена – имала само силна болка во стомакот и со брза помош била пренесена од манастирот во болницата Риета во близина на Рим.
На социјалната работничка задолжена за нејзиниот случај и рекла дека е многу среќна и дека детето го смета за “дар од бога”. “Повеќе се чувствувам како мајка одошто како чесна. Решив да го наречам Франциско во чест на прекрасниот јужноамерикански папа”, рекла Роксана и додала дека има чувство на вина поради породувањето, но дека ќе го задржи и ќе го одгледа детето.
Единственото нешто што ја загрижува е публицитетот што му е даден на нејзиниот случај. Роксана, која се замонашила во септември, наводно забременила со “старата љубов” во Салвадор кога заминала да си го продолжи пасошот.