Ова е најдобрата идеја која сме ја имале на Балканот – НЕ ПРАВИМЕ НОВА ЈУГОСЛАВИЈА, ТУКУ ПОДОБАР ЖИВОТ ЗА НАРОДОТ – ЗАЕВ, ВУЧИЌ И РАМА ВО ОХРИД


Премиерот Зоран Заев, премиерот на Албанија Еди Рама и претседателот на Србија Александар Вучиќ денеска од Охрид повикаа и другите земји од Западен Балкан да се приклучат кон Декларацијата за слободно движење на луѓе, стока, услуги и капитал. Состанокот во Охрид следува по оној во Нови Сад на 10 октомври, кога беше потпишана Декларацијата со која се предвидува граѓаните на трите земји да патуваат само со лични карти, побрз проток на стоката на границите, признавање на документите и подобра туристичка соработка.

Заев, Вучиќ и Рама рекоа дека оваа Иницијатива не е создавање нова Југославија ниту Голема Албанија, туку овозможување на подобар живот на граѓаните на трите земји. Сите учесници на средбата кажаа дека местото на земјите од Западен Балкан е во Европската унија, и покрај недобивањето на датум за почеток на преговорите за Македонија и Албанија минатиот месец.

„Овие одлуки се сон на нашите граѓани, создаваме модерен Балкан. Со ова наше заедничко здружување ќе предизвикаме внимание и кај европските лидери. Акциониот план предвидува 24 часа да работат граничните премини, брза лента за камионите со стока, минување на границите со лични карти“, рече Заев.

Српскиот претседател Вучиќ кажа дека ваквата соработка ќе обезбеди подобар живот за граѓаните.

„Ние ништо подобро не сме смислиле во изминатите 30 години и не гледам причина некој да биде против ваквата соработка. За само една и пол година сите ќе имаме поголем економски раст, анализите покажаа дека само ако на неколку гранични премини се применат овие одредби заштедите ќе бидат 12,9 милиони евра годишно. Сега транспортерите на домати нема по 96 часа да чекаат на граници“, рече Вучиќ.

Албанскиот премиерот Рама рече дека на овој состонак треба да присуствува и Косово и ги повика Босна и Херцеговина и Црна Гора да се приклучат кон оваа Декларација.

„Оваа соработка многумина ја викаат мини Шенген, но јас не се согласувам со тоа име, туку со Западен Балкан Шенген“, кажа Рама.

На средбата присуствуваа и министерката за економија на Црна Гора Драгица Секулиќ и претседавачот на Советот на министри на Босна и Херцеговина Денис Звиздиќ, кои рекоа дека во нивните земји сè уште нема консензус по ова прашање, но иницијативата за нивно приклучување ќе ја разгледуваат.

Share Button
MK News

Автор инфо

No comments yet.

Остави коментар

UA-33057274-1