Оваа фотографија на прегладнето дете кое со последните сили се обидува до стигне до местото каде што се дели храна во Судан, додека зад него мирно стои и чека мршојадец, на фотографот Кевин Картер му донесе Пулицерова награда а една година подоцна и смрт.
Неверојатно болна е приказната која стои зад фотографијата и која го следи човекот кој ја видел и фотографирал оваа мачна глетка. Фотографијата е направена во 1993 година во Судан. Објавена е во Њујорк тајмс во март истата година. Во април 1994 година јужноафриканскиот фотограф Картер за оваа фотографија ја доби Пулицеровата награда, а три месеци подоцна се самоуби!
Кога ја направил потресната фотографија на која се гледа прегладнето девојче кое со последните сили се обидува да стигне до местото каде се дели храна, а кое било на оддалеченост од 5 минути одење, додека зад него мирно чека мршојадец, Кевин објаснил дека фотографирал и си заминал, бидејќи бил предупреден да не ги допира децата во Судан поради опасност од зарази.
Стотици луѓе по објавувањето на фотографијата во Њујорк тајмс се јавиле да прашаат за судбината на девојчето. Весникот објавил дека не се знае дали таа успеала да дојде до центарот за делење храна.
Жоао Силва, португалски фотограф кој бил со картер во Судан, во интервју за јапонскиот новинар Акио Фуџивара, подетално и малку поинаку ја објаснил ситуацијата. Тој изјавил дека во Судан виделе повеќе слични застрашувачки глетки од прегладнети деца кои кусо биле оставани од родителите во моментите кога се дели храна за да го земаат својот дел, а мршојадците се собирале поради остатоците од таа храна. Наводно Картер по фотографирањето ја избркал птицата. Но и Силва нема одговор за судбината на фотогрфаираното девојче.
Во јули 1994, само три месеци откако Картер ја добил Пулицеровата награда за фотографијата, се задушил во својот автомобил поврзувајќи црево со ауспухот на автомобилот кое потоа го провлекол над сувозачкото седиште. Имал само 33 години. Оставил проштална порака со содржина:
-Многу ми е жал. Болката на животот ја надминува среќата до точка во која таква среќа воопшто не постои. Во депресија сум, без телефон, без пари за кирија, за издршка на децата, за долгови, без пари. Ме прогонуваат јасните сеќавања на убиствата, мртвите тела, лутината, болката, прегладнетите или ранети деца, вооружените лудаци, полиција, убијци на убијците… Одам да му се придружам на Кен ако имам среќа.
Кен Остербек бил негов колега.
Деведесеттите години од 20-от се еден од најтешките периоди во историјата на Судан, кога над 70.000 луѓе умреа од глад.