По претрес на 150 амандмани и одбивање на сите предлози на опозицијата, Собраниската комисија за образование, наука и спорт во второ читање повторно го изгласа целиот пакет за реформи во основното, средното и високото образование. Ова е претпоследна фаза во постапката, пред законите да бидат конечно усвоени на пленарна седница, пренесува Нова ТВ.
Комисиската расправа со долги паузи во повеќе наврати траеше цели 17 часа, а законите се изгласаа во 3 часот по полноќ, завршувајќи со законот за високо образование за кој беа поднесени вкупно 90 амандмани.
Не се прифатија ниту амандманите на пратеничката Лилјана Поповска.
– Не се согласувам да се стави ректор или декан лице што е странски државјанин. Замислете да ставиме декан Бугарин на Филолошки факултет, кога Бугарија не ни го признава јазикот или декан на Теолошки факултет да биде лице од Србија, а тие не ја признаваат македонската православна црква. Мислам дека вака, ќе испадне дека секој странец е подобар од нашите кадри, рече Поповска.
Пратеникот од ДПА Беким Фазлиу предложи наместо студентите, носителите на јавни функции да полагаат државен испит.
– Ноќе се прават само лоши работи, криминал! Да беше овој закон добар ќе ги почекавте сите камери, а не вака да се криете. Државниот испит треба да го полагаат сите носители на јавни функции, а не студентите.
Пратениците од ДПА порано ја напуштија расправата во знак на револт што министерот Адеми не прифати ниту еден нивен амандман.
NovaTv.mk