Само еден ден по инцидентот во кој папата Франциск за време на својата последна прошетка на преполниот плоштад Свети Петар во Ватикан, ја отргна раката од една жена која го зграпчи и не го пушташе, по што и ја плесна по раката, следуваше и извинување.
– Сите ние често го губиме трпението, па тоа ми се случува и на мене. Се извинувам за лошиот пример кој го дадов вчера – рекол папата пред денешната миса во Ватикан.
Како што објавивме, папата вчера го минуваше плоштадот Свети Петар поздравувајќи ги верниците на патот кон макетата со сцена од раѓањето на Исус, поставена на шеталиштето.
Но, во еден момент, жена која се прекрстуваше и со вознемиреност го гледаше папата, го зграпчи за рака откако тој реши, токму пред да стаса до неа, да се сврти и да го напушти местото.