Партиите го договараат изборниот модел


Најголемите парламентарни политички партии работат на усогласување на ставовите за измените на изборните закони со кои е опфатен и изборниот модел.

Од владејачката СДСМ се изјаснија дека се за една изборна единица со отворени листи и очекуваат сите ревелантни политички партии да се согласат со нивниот предлог.

– За цензусот како што сум информиран уште не е разговарано, првин е потребно да се постигне согласност дали сите имаат волја да преминат кон трансформација на изборниот модел, укажа координаторот на пратеничката група на СДСМ Томислав Тунтев и дополни дека има несогласувања кај одредени политички партии околу потребата од измени на изборниот модел.

Новини од исходот на разговорите на партиските комисии не кажа ниту координаторот на опозициската ВМРО-ДПМНЕ Драган Данев, но потенцираше дека очекува квалитетен изборен законик.

Реџаил Исмаили, координатор на пратеничката група на ДУИ, пак, вели дека нивен предлог е изборен модел со три изборни единици.

– ДУИ беше за тоа да имаме три изборни единици за да имаме застапеност во Собранието од сите региони. Ако не помине тоа остануваме на старото решение со шест, бидејќи сметаме дека изборниот модел со една изборна единица не одговара на сите граѓани, односно на сите региони во државата, рече Исмаили, дополнувајќи дека со една изборна единица многу региони би им останале непокриени со пратеници.

Пратеникот на БЕСА Фадил Зендели, рече дека тие сметаат оти шест изборни единици се многу за Македонија како мала држава по територија и оти се залагаат за помал број изборни единици и отворени листи.

– Според досегашното функцинирање на овој систем, сметаме дека треба да има помалку изборни единици. Дали ќе има една, две, три, тоа е прашање кое може да го договорат политичките партии, експертите и сите заинтерсирани кои може да придонесат за ова прашање. Како политички субјект сме за пропорционален систем со отворени листи. На овој начин можеме повеќе да придонесеме кон демократизација на општеството и за поквалитетни кадри во Собранието на наредните избори, рече Зендели.

Во меѓувреме, на повикот за избор на нови членови на Државната изборна комисија (ДИК) кој Собранието го распиша во понеделникот, партиите очекуваат да се пријават квалитени кандидати, изборот да биде навреме, а со консензусот што го постигнаа за преодно решение на ДИК да се овозможи функционалност на ова тело, кое покрај за избори е надлежно и за организирање реферндум и верификација на мандати.

Со објавениот повик, ДИК треба да добие нов состав со мандат од шест месеци до моментот додека се регулираат измените и дополнувањата на пакетот закони од изборното законодавство. Според сегашното законско решение, четворица членови ќе бидат од власта, тројца од опозицијата, од каде ќе биде и претседателот на ДИК. Од опозициската ВМРО-ДПМНЕ велат дека во моментнот не се знае кој ќе биде прв човек на Државната изборната комисија.

На конференција посветена на слободни избори вчера беше констатирана потреба од професионализација на ДИК и нов изборен систем за фер и демократски избори.

Во фокусот на партиските работни комисии кои преговараат за пакетот изборни закони, освен составот и начинот на бирање на ДИК и дефинирање на изборниот модел, се и финансирањето на политичките партии, како и управните постапки кои се јавуваат како резултат на жалбите од изборниот процес.

Share Button
MK News

Автор инфо

No comments yet.

Остави коментар

UA-33057274-1