Пеколни температурите во Европа – метеоролозите согласни: “Вакво нешто не сме виделе 50 години”


Топлотниот бран кој ја зафати Европа, најмногу Шпанија и Португалија, ги однесе првите животи. Во Шпанија починале три лица, а врвот на топлотниот бран се очекува во текот на денешниот ден.

Температурите денеска би можеле да достигнат и до 49 Целзиусови степени, што значи дека би можел да биде срушен рекордот од 1977 година, кога во Атина биле измерени рекордни 47 Целзиусови степени.Екстремни температури од Шпанија до Финска

Високите температури ги зафатија подрачјата од Шпанија до Финска, а глечерот на шведската планина Кебнекаисе толку се истопил што повеќе не е највисокиот врв во оваа земја.

“Страшно”, изјавила Гунхилд Нинис Росквист, професорка по географија на универзитетот во Стокхолм која со години ги проучува глечерите во склоп на истражувањата за климатските промени.

“Овој глечер е симбол на сите глечери на светот. Снегот се топи, а тоа влијае на комплетниот екосистем: билките, животните, климата, сè. Тука јасно се гледаат климатските промени”, вели Росквист.

Пиринејскиот полуостров е погоден од вистински топлотен бран, а северот на Европа апсолутно е неподготвен за жештини какви што чувствуваме ова лето.

“Ова е малку необичен топлотен бран. Минатата година имавме 4 до 5 топлотни бранови, но оваа година, овој е само првиот. Тој не е најсилен ниту најекстремен, но по распространетост, ова е еден од најголемите топлотни бранови”, изјавил метеорологот Бранко Грисогоно и истакнал дека пред еден месец во северна Норвешка била измерена температура од над 30 Целзиусови степени во 9 часот наутро.

Вакво нешто не е видено 50 години

Метеоролозите од норвешката метеоролошка служба велат дека немале прилика да доживеат вакви температури повеќе од 50 години.

“Нашето општество е прилагодено на тоа, особено јужниот дел, што не е случај со северозападот на Европа и Скандинавија. Температурите таму веќе со месеци го надминуваат 25-тиот степен, а дури достигнуваат и до 30-тиот”, изјавила директорката на Државниот хидрометеоролошки завод на Хрватска, Бранка Иванчан Пицек.

“Скандинавија е погодена од екстремни суши кои резултираа со шумски пожари, а граѓаните не се подготвени на тоа, за разлика од Средоземјето и нашите краеви каде овие температури се речиси вообичаени за ова доба од годината”, додала Пицек.

Метеорологот Грисогоно изјавил дека со глобалното затоплување од 1,5 Целзиусови степени, до крајот на овој век ризикот од топлотни бранови ќе биде поголем за 2-7 пати.

“Глобалното затоплување е факт и мораме да внимаваме што ќе се случува во следните 10-20 години. Доколку не се внимава, можат да се случат низа неповратни ефекти во Јадранот, Средоземјето, Атлантикот и Пацификот, со растителните и животинските видови. Мораме сериозно да почнеме да делуваме”, заклучува тој.

Share Button

Tags:

MK News

Автор инфо

No comments yet.

Остави коментар

UA-33057274-1