Перо Антиќ, Илина Арсова, владиката Пимен… се личности на годината за 2013


Десеттемина најистакнати поединци во Македонија во 2013 година, според изборот на редакцијата на „Нова Македонија“, денеска ја примија наградата „Личност на годината“, која најстариот весник во државата ја востанови во 2012 година.

Лауреати на второто доделување на признанието се: бизнисмените Кочо Анѓушев и Искра Ветаџокоска-Муцунска, научникот Александар Димитров, пратеникот Павле Трајанов, писателката Лидија Димковска, владиката Пимен, кошаркарот Перо Антиќ, преведувачот Драги Михајловски, музичарот Александар Коловски и алпинистката Илина Арсова.

5000EA6445221E8B6E7539EC9BAНаградата – признание и статуетка во вид на паун, им е доделена затоа што со своите дела ја одбелжале 2013 година во различни сфери од  јавниот живот и придонеле за афирмација на Република Македонија.

Признанијата на лауреатите или на нивни претставници им ги врачи главниот и одговорен уредник на „Нова Македонија“ Зоран Димитровски. Рече дека тие се пример како треба да се бориме за Македонија и јунаци во година на, како што рече, се уште тежок живот за граѓаните, драматично заминување на младите од државата, безизлез од блокадата на Грција за нашите евроатлантски интеграции, неподнослива партиско-парламентарна борба и заострување на состојбата во медиумите и слободата на изразувањето.

– Некои од нив си ја ризикуваа својата политичка и општествено-статусна  комоција за да проговорат за неправдите, за потребата од повеќе слобода и демократија, за државен консензус за националните приоритети, а други, пак, во своите области не се штедеа и постигнаа извонредни резултати на домашен и на меѓународен план, кои ја извлекуваат нашата држава од тунелот на анонимноста, изолацијата и самодоволноста и ја крепат нашата надеж дека на Македонија и на сите кои живееме тука веќе утре ќе ни биде подобро, истакна Димитровски.

Признанијата им ги честиташе и директорот на „Нова Македонија“ Ратко Лазаревски кој рече дека десеттемина го заслужуваат приматот најдобри  зашто се избрани по широки дебати на новинарите на првиот дневен весник во Македонија, кој  оваа година ќе прослави  70-годишен јубилеј од излегувањето на првиот број (28 октомври 1944).

Стопанственикот Кочо Анѓушев од „Феро инвест“ – косопственик на компанијата „Брако“, е меѓу најголемите инвеститори во обновливите извори на енергија, со производствени погони во околните земји и лидер на Балканот во својата област.

Научникот Александар Димитров прв во Македонија на досега непознат начин успеа да синтетизира графен (во лабораторијата на Технолошко-металуршкиот факултет), кој се користи во електрониката.

Пратеникот Павле Трајанов е поброник против  долгото траење на мерката притвор и предложи измени на законот за намалување на затворска казна за откривање идентитет на заштитен сведок, за што минатата година беше затворен новинар од „Нова Македонија“.

Писателката Лидија Димковска, која живее и твори во Словенија, за вториот роман „Резервен живот“ ја доби наградата за литература на Европската унија, а на доделувањето во Брисел одржа краток политички говор за почит во одбрана на името на Македонија.

Г. Пимен, митрополит на Европската епархија со седиште во Малме,  успеа да направи цврста црковна заедница во Европа и стана омилен меѓу верниците преку социјалните мрежи откако прв меѓу владиците јавно се спротивстави на забраната за користење Фејсбук.

Кошаркарскиот репрезентативец Перо Антиќ стана прв Македонец што заигра за професионална НБА-лига и тимот на „Атланта“, откако ја одбрани  шампионската титула во Евролигата со „Олимпијакос“, а сезоната ја заврши како  трет на листата на скокачи во одбрана на Фајнелфорт турнирот во Евролигата.

Косопственичката и управителка на компанијата за здрава храна „Виталија“ Искра Ветаџокоска-Муцунска  го афирмираше брендот „од Македонија“ во 30-ина земји на светот, а неодамна нејзините производи беа пласирани и во Саудиска Арабија, Австралија и Монголија.

Проф. Драги Михајловски по 30 години преведувачка дејност, во 2013 го заврши и промовираше преводот на сите дела на Шекспир на македонски јазик (37 драми и 154 сонети на 1654 страници) и неговиот  подвиг беше оценет како културен настан рамен на преводот на Светото писмо.

Хармоникашот Александар Коловски, најмлад меѓу десетте годинашни лауреати, лани победи на 38. светски натпревар за хармоника во Кастелфидарадо, Италија,  во сениорска категорија за вариете музика, меѓу 500 натпреварувачи од светот, и стана светски првак по четврти пат.

Алпинистката и академска сликарка Илина Арсова во мај 2013 година стана прва жена од Македонија која се искачи на највисокиот врв на светот Монт Еверест, а планира да се качи на највисоките врвови на сите континенти и на 14-те врвови во светот кои се повисоки од 8.000 метри.

MK News

Автор инфо

No comments yet.

Остави коментар

UA-33057274-1