Најблиските помошници и послуга на нацистичкиот лидер Адолф Хитлер често знаеле да проговорат за навиките на фирерот, и дека тој држел строга диета и пиел само млака вода. Но, изгледа дека тоа не е баш вистина и точно.
Елизабет Калхамер (89), помошничка и слугинка на Хитлер во Бергхоф, резиденцијата во која нацистичкиот водач и Ева Браун го минуваа времето, после повеќе од 70 години молк одлучи да проговори за неговите навики.Таа раскажува дека тој секогаш на располагање имал 20 девојки кои го служеле, меѓу кои и таа. Дека често бил на диета и се прикрадувал во кујнат да јаде.
Елизабет тврди дека токму љубовницата на Хитлер, Ева Браун, била главна во Бергхоф, а послугата морала да ја поздравува исто како и самиот фирер. Хитлер морал да држи строга диета поради проблемите со слезината, но тој често знаел да се искраде од својата соба и да ужива во чоколадни кекси. Посебно го сакал таканаречениот „Фиреров колач“, колач со јаболка, ореви и грозје.
Елизабет почнала да работи за Хитлер во 1943 година, јавувајќи се на оглас во локалните весници, но не знаела дека ќе работи за наци лидерот. Дури и нејзината мајка ја предупредувала да не ја прифаќа работата, но таа сметала дека тоа не може да го одбие откако од бирото за вработување ѝ рекле дека како тинејџерка треба да биде благодарна за понудената служба.
„Чувствував мачнина кога стигнав. Куќата беше преполна со гости, а се појави и фирерот“, изјави Елизабет додавајќи: „Брзо ми стана јасно дека ми е дозволено да размислувам, но не и да говорам во негово присуство. Оговарањето не доаѓаше во предвид, иако тоа често го правевме“.
Тврди дека Ева Браун била добра и фина спрема нив, послугата која работеше за парот.
„Се однесуваше како дама. Ги дизајнираше нашите униформи, а за Божиќ ми даде волна да ги декорирам чорапите за војниците на фронтот“, додава Елизабет.
Таа открива дека Хитлер бил опседнат со филмови и дека имал приватно кино во Бергхоф, а послугата можела да гледа само пропагандни филмови со Марика Рoк во главната улога, која Ева Браун ја обожавала.