По убиството на новинар во Словачка, уште двајца функционери поднесоа оставка


Двајца словачки високи претставници, блиски до премиерот Роберт Фицо, денеска поднесоа оставки, откако истото го направи претходно и министерот за култура Марек Мадарич.

Од функција се повлекоа главната државна советничка во владиниот Кабинет Марија Трошкова, поранешна манекенка, и секретарот на словачкиот Совет за безбедност, Вилијам Јасањ.

Во заедничкото соопштение Трошкова и Јасањ наведуваат дека се шокирани од убиството на словачкиот новинар Јан Куциак и неговата девојка Мартина Кушнирова, чии застрелани тела беа пронајдени во неделата во нивната куќа источно од Братислава.

Владата понуди милион евра за информации што ќе помогнат за апсење на одговорните за убиството.

Организацијата за истражувачко новинарство ОЦЦРП (Проект за известување за организиран криминал и корупција) претпладнево ја објави недовршената приказна на која работеше застреланиот новинар. На таквиот потег се одлучиле за да „оддадат почит на новинарот, разјаснување на фактите и намалување на опасноста за неговите колеги“.

Во центарот на приказната е токму Трошкова, поранешна натпреварувачка на Мис Универзум, која попладнево се повлече од функцијата. Таа наводно основала фирма со Италијанец, кој живее во Словачка, за која постои сомневање дека е поврзана со мафијата „Ндрангета“, една од најмоќните криминални организации во светот.

Текстот беше денеска објавен под насловот „Моделот, мафијата и убијците“, а сторијата започнува со тоа дека проектот започнал со истрагата за тоа зошто словачкиот премиер Роберт Фицо ја вработил Марија Трошова, тогаш 27-годишна поранешна топлес манекенка како една од неговите помошници и покрај тоа што таа речиси воопшто немала политичко искуство.

„Неговата ПР служба одби да објави во што точно се состојат нејзините работни задачи за да ја објасни нејзината функција во Владата или зошто и бил даден безбедносен сертификат“, се наведува во текстот. Потоа се открива дека таа била во врска со Антонио Вадала, кој бил со блиски врски до Ндрангета.

Според извештајот, во 2001 година италијанската полиција издала потерница за апсење на Вадала, откако при прислушкување открила дека разговарал за тоа да обезбеди логистика за криење на бегалецот обвинет за шеврц и убиство, во неговиот дом во Калабрија. Меѓутоа, обвиненијата биле повлечени, а Вадала откако го избегнал апсењето, се преселил во Словачка. Словачките медиуми наведуваат дека Вадала не бил достапен за коментар.

Инаку, ОЦЦРП најави дека ќе објави детали од друга истрага што ја водел Куциак, за врски на сопственици на земјоделски површини со италијанската мафија, кои, наводно ја користеле земјата за да дојдат до субвенции од ЕУ фондовите.

Куциак и неговата пријателка Мартина Кушнирова беа пронајдени мртви во неделата во неговиот дом во Велка Мача, недалеку од Братислава.

Шефот на словачката полиција Тибор Гашпар информирајќи за смртта на Куциак изјави дека убиството најверојатно е поврзано со неговите истражувачки активности.

MK News

Автор инфо

No comments yet.

Остави коментар

UA-33057274-1