Иселениците од Македонија кои оствариле право на пензија во друга земја, сега ќе можат поевтино здравствено да се осигураат во Македонија, предвидуваат измените што ги воведува Фондот за здравствено, а ќе важи и за кочанската подрачна единица, информираше раководителот Лазар Настевски.
Досега иселениците кои оствариле право на пензија во странска држава, а кои имаат македонско државјанство, при привремен или траен престој во Македонија, плаќаа здравствен придонес со највисока стапка и поради тоа одбиваа да плаќаат здравствено осигурување и се лекуваа на приватно.
Само 105 вакви лица се пријавиле за здравствено осигурување. Тие во просек плаќаат здравствено осигурување од 10.000 денари секој месец, а највисоките придонеси се 13.560 денари.
Од оваа причина цената на здравственото осигурување за нив е намалена на 2.256 денари, со што се очекува да се зголеми бројот на осигуреници приматели на странска пензија, велат од Фондот.
Новина од Фондот за здравство има и за идните брачни двојки кои се лекуваат од стерилитет преку Ин витро методата. Досега овие осигуреници го купуваа материјалот од дарители за што плаќаа од 2 до 3 илјади евра. Отсега тоа ќе можат да го направат со сопствен материјал, информираат од Фондот.