Бесплатен ваучер за такси за сите кои имаат над 0,5 промили алкохол во крвта. На оригинален и невообичаен начин струмичката полиција им порача на младите дека алкохолот и возењето не одат заедно. На едно од најфрекфентните места во градот на специјално поставен штанд сите кои имаа желба можеа одблиску да видат како функционира полицскиот алкомер – дрегер и да проверат дали во текот на забавата претерале со алкохолот.
-Идејата беше на ваков начин да се пренесе пораката за да се стигне до совеста до младите луѓе дека возењето под дејство на алкохол често пати знае да заврши фатално. Ова произлегува и од нашите констатации кои што ги имаме од секојдневното преземање мерки. Во преземањето мерки се констатира дека доста млади луѓе знаат да управуваат моторни возила под дејство на алкохол, рече Марјан Наковски – началник на СВР Струмица
Граѓаните ја поздравија акцијата. Велат ова е одличен начин младите да се потсетат дека последиците од возење под дејство на алкохол може да бидат фатални.
-Мило ми е што има вакви иницијативи на МВР за да осознаат младите дека алкохолот е малку повеќе штетен за возачите, рече еден од граѓаните
Една од најчестите причини за сообраќајните несреќи е токму прекумерното присуство на алкохл кај возачите. Статистиката на струмичката полиција вели дека минатата 2012 година алкохолот бил причина за 54 сообраќајни несреќи во кои 3 лица го загубиле животот, 16 се тешко повредени, а 32- ца завршиле со полесни повреди. Во првата половина од оваа година се регистрирани 20 несреќи за кои причина бил токму алкохолот. Во нив едно лице загинало, три се тешко, а 12 полесно повредени
Press24