Ситуацијата во Украина ескалира.
Полицијата денеска доби дозвола да користи огнено оружје, како би го ограничила движењето на демонстрантите кои и натаму се обидуваат да ги одбранат позициите на Плоштадот на независноста.
Украинската армија доби дозвола да употреби оружје и да го ограничи движењето во рамки на мерките за борба против тероризмот, преземени од власта, со цел неутрализирање на „екстремистите“ меѓу демонстрантите, соопшти украинското Министерство за одбрана.
– Војската има право да употреби оружје во рамки на антитерористичката операција, како и право да го ограничи или забрани движењето со моторни возила и на минувачи, се наведува во соопштението.
Војниците, исто така, имаат право да извршат проверки на идентитетот и да апсат извршители на „незаконски дејствија“.
Претходно денеска Службата за безбедност на Украина најави почеток на антитерористичка операција во целата земја, без да наведе какви мерки се предвидени со истата.
Властите на Украина за спроведување ред во земјата веќе треба да објават вонредна состојба во Киев и да преземат жестоки мерки против учесниците во нередите кои применуваат оружје, смета членот на комитетот на Советот на Федерацијата за надворешни работи Игор Морозов.
„Треба да се испрати војска во Киев, треба да се воведе вонредна состојба и да се дејствува како во воено време“, изјави Морозов за РИА Новости.
Според мислењето на рускиот сенатор, претседателот Јанукович сега има „само една можност да воведе ред – со претседателски указ физички да ги потисне оние кои се фатиле за оружје, оние што стрелале во полицајците и во припадниците на Беркут, и да ги осуди во правна рамка оние луѓе кои примениле најжестоки мерки“.
Американскиот претседател Барак Обама ѝ се заканил на украинската влада со „последици“ ако продолжи насилството и ако во конфликтот се вклучи украинската војска, јави Ројтерс
И највисокиот воен командант на НАТО денеска апелирал до лидерите на Украина да го избегнат користењето воена сила против својот народ и повикал на дијалог со новото воено раководство на земјата.
ОБНОВЕНО
Украинскиот претседател Виктор Јанукович и лидерите на опозицијата успеале да договорат примирје, изјавил лидерот на опозициската партија Баткившчина, пренесува Раша тудеј.