Пожар избувнал денеска во 12:30 часот по австралиско време во црквата „Свети Никола“ во Престон, Мелбурн, во Австралија. Причинета е материјална штета, а повредени нема.
Единствено свештеникот Никодим Солунчев, кој во моментот на пожарот бил на првиот кат, барајќи спас од огнената стихија, скокнал од 3,5 метри во рацете на неколку полицајци кои му помогнале да остане неповреден.
Македонскиот портал во Австралија „Falanga.com.au“ и австралискиот весник „The age“ пишуваат дека полициска патрола прва го забележала пожарот и повикала помош.
Се претпоставува дека причина за пожарот е неисправна електрична инсталација.