Причина за смртта на жирафата Орка не била ниту вродена срцева маана, ниту неодговорен однос на вработените, туку воспаление на дванаесетпалачното и тенките црева, предизвикано од ешерихија коли, пренесува Курир.
Деканот на Факултетот за ветеринарна медицина, Дине Митров истакна дека веднаш биле повикани да направат испитувања за смртта на Орка, потенцирајќи дека животното претходно не покажувало симптоми на болест. Истото го потврдија и од Зоолошката градина, од каде што велат дека редовна визита од ветеринар и биолог била извршена неколку часа пред смртта на жирафата Орка, односно околу 6 часот и 30 минути.
Од ПР службата на зоолошката градина потенцираат дека бактеријата која го предизвикала воспалението не е заразна и не претставува закана за другите животни.
Оние институции и медиуми кои објавувале дезинформации околу причината за смртта на Орка, како што нагласи Даме Кузмановски, лицето одговорно за односи со јавност на Зоолошката градина, ќе одговаат пред суд.
Надлежните истакнаа и дека зоолошката по смртта на жирафата Орка никогаш не била затворена за посетители.
Орка умре на 23 јануари во 9 часот изутрина. Животното беше едно од најомилените во зоолошката и имаше само 3 и пол години.
ЗОО Скопје нема да остане без жирафа бидејќи во изминатиов период со помош и донација на Фондација Илија Камчев се пристигнати три нови жирафи.
Жирафата Орка беше донација од ОРКА Холдинг Скопје.