Измамниците со платежни картички го напуштиле илегалното вадење пари од банкоматите и целосно ја свртеле својата работа кон наплатните терминали на бензинските и на патарините. Европол официјално предупреди за голема внимателност при плаќање на посочените терминали оти, како што велат, претстојните празници се време на голема фреквенција на возила, а измамниците ќе ја користат секоја шанса да направат дупликат на вашата картичка со која плаќате за гориво или патна такса. Измамите најчесто земаат замав на помалите бензински станици низ европските автопатишта што имаат банкомати и терминали за наплата, истакна Европол. Европскиот центар за сајбер-криминал организира меѓународен состанок со претставници од нафтената и бензинската индустрија и извршните власти, како дел од мерките на превенција.
– При празничната сезона илјадници лица ги полнат резервоарите за да ги посетат своите најблиски. Ова е и време кога луѓето најверојатно ќе ги употребат своите картички во сомнителни локации и со тоа можат да бидат жртви на измама – велат од европската полиција.
Европол, покрај соопштението со предупредување, издаде и летоци и памфлети во кои ги наведува начините со кои се намалуваат шансите за измама на граѓаните. Препорачуваат да не се губи од вид картичката при наплаќање, да се замоли продавачот да ви ја потврди сумата на наплата, да се искинат сите сметки и документи по наплатата што содржат информации за финансиските податоци, да се проверуваат трансакциите и состојбите на сметката онлајн, а при онлајн-трансакции да се проверува дали се обновени антивирусот и софтверот. Дополнително, имаат наведено и препораки на однесување при наплата во хотели, барови и во ресторани.