Индонезиско девојченце коешто пред десет години цунамито ја повлече во океанот се врати кај своето семејство, изјави во четвртокот нејзината мајка.
Раудатул Џана имала четири години кога на 26-ти декември 2004 годна неа и братот ги повлекол цунами бранот од семејниот дом во Банда Акех, изјави нејзината мајка Џамалиа за агенцијата DPA.
Џамалиа вели дека таа и сопругот престанале да го бараат девојченцето по околу еден месец по настанот и мислеле дека веќе е загинато, но во јуни годинава нејзиниот брат забележал дете кое многу наликува на нејзината изгубена ќерка. Потоа било откриено дека за девојчето се грижи една постара жена во блискиот округ Акех Барат Даји. Во средата целото семејство повторно било задно.
„Мажот и јас сме пресреќни што ја пронајдовме. Тоа е Божје чудо“, вели Џамалиа. Штом ја видела веднаш била сигурна дека тоа е нејзината ќерка. „Доколку некој се сомнева, подготвена сум на ДНК тестирање“, истакнува.
Џамалиа раскажува дека додека таа и мажот се држеле за стебло во водата, бранот од рацете им ги истргнал девојченцето и нејзиниот тогаш седумгодишен брат. Раудатул денес е 14-годишна, а на родителите им кажала дека и братот најверојатно преживеал, бидејќи брановите ги однеле на островот Баниак. „Ќе го бараме на Баниак, бидејќи мислиме дека и тој е жив“, вели Џамалиа.
Силниот земјотрес на крајот од 2004 година го предизвика појавувањето на огромно цунами во Индискиот Океан, а животите во таа природна катастрофа ги загубија околу 230 илјади луѓе.