50.000 евра треба да плати претседателот на СДСМ, Зоран Заев, откако премиерот Никола Груевски го тужеше за клевета и навреда поради тврдења за случајот со продажбата на Македонска банка.
Граѓанскиот суд го прогласи Заев за виновен затоа што на прес конференции со намера да наштети на честа и угледот изнел невистинити факти. Судот го казни лидерот на опозицијата Зоран Заев, со 50 илјади евра за клевета и навреда, повреда на честа и угледот на премиерот Никола Груевски, за случајот со продажбата на „Македонска банка“.
И покрај инсистирањето, на адвокатот на Заев, да биде сослушан Ден Дончев, за кого тврдеа дека е круцијален доказ во процесот, сепак Судот го одби.
Исказ даде Јовица Стефановиќ – Нини, кој иако беше повикан од страна на тужениот, сведочеше во корист на Груевски. Кажа дека не го познава ниту премиерот, ниту Заев и дека „Македонска Банка“ ја купил на берза преку брокерска куќа без да подмитува.
Одбраната на премиерот го намали оштетното побарување од 500 илјади евра на 50 илјади евра, но потенцираше дека и оваа сума е далеку од штетата која е предизвикана на угледот на Груевски поради изнесените невистини од Заев.