Сојузната полиција на Белгија (ФГП) денеска извести дека е уапсена 37-годишната македонска државјанка Флорије Д., која е во петтиот месец од бременоста, под сомнение дека со нож, пред два дена, му го расекла вратот и го убила две години постариот невенчан сопруг Неат Топојани, во семејниот стан во Брисел, пренесува Плус Инфо
Убиството е извршено завчера. Првично, белгиските медиуми повикувајќи се на информации од полицијата известија дека таа била ранета, но по завршената истрага на ФГП, случајот доби нова димензија.
Полицијата, како што веќе е потврдено, извести дека Флорије Д. е сместена во затворска ќелија наменета за бремени жени, а патолозите им потврдиле дека смртоносен бил еден убод кој му ги исекол главните вратни артерии на Топојани. Семејството има петгодишно дете, кое вчера од социјалните служби е земено од дедото и бабата кои живеат во Брисел.
Жртвата и македонската државјанка живееле во стан под кирија на аголот од улиците Рим и Каиро во Брисел. Кога Топојани се вратил дома од работа, сопружниците почнале да се караат, им изјавиле соседите на полициските иследници. Во еден момент се зачуле силни врисоци и удари. Тие се исплашиле дека нешто лошо се случува во домот на Топојани, па повикале полиција.
Кога пристигнала полициската патрола забележала хаос во нивниот дом. Топојани лежел на подот и не давал знаци на живот, а околу телото имало голема локва крв. Неговата девојка згрчена во шок се криела во задниот дел на зградата. Бидејќи и таа била облеана со крв, полицајците забележале дека е бремена, и на помош повикале амбулантно возило. Додека неа ја носеле во болница, крим-техничарите од бриселската полиција започнале истрага, а квартот околу местото на злосторството го затвориле.
Кога лекарите успеале да ја стабилизираат Флорије Д. таа веднаш побарала да контактира со својот адвокат Крис Винцке. Нејзиниот законски бранител на истражителите им изјавил дека таа е во шок од целиот настан, но го признала убиството.
Првично е откриено дека македонската државјанка работела во пекарница на Рим стрит уште од 2008 година. Била вреден работник и сите ја сакале. Нејзиниот поранешен шеф на полицајците им изјавил дека кога последен пат се виделе му се пожалила дека врската со Топојани не е добра и дека се плашела за нивната заедничка иднина.