Значајна новина во Предлог- законот за безбедност на сообраќајот се воведува и во однос на местата забранети за запирање и паркирање. Имено, покрај досега забранетите места за запирање и паркирање, се додаваат и плоштади, пешачки зони и противпожатрен пат, како и паркинг места кои со дополнителна табла, сообраќаен знак или ознака на коловозот е обележано место за паркирање на возила за лица со посебни потреби.
Во однос на употребата на светлата предвидено е ново решение во насока на задолжителна употреба на запалени светла за време на управување со возило само во периодот од првиот самрак до потполно разденување, како и дење во случај на намалена видливост. Кај мотоциклите, пак, задолжителна е употребата на светла дење и ноќе, а се предвидува и соодветно светлосно обележување и на велосипедистите заради нивна поголема безбедност во сообраќајот.
Ново законско решение се предвидува и во однос на Европскиот извештај при сообраќајка со мали материјални трошоци при што учесниците во сообраќајката ќе треба прво да го пополнат и потпишат Европскиот извештај, а веднаш потоа да ги отстранат возилата од коловозот со цел да овозможат непречено одвивање на сообраќајот.
Во врска со употребата на мобилен телефон при возење предвидена е можноста за возачот таксист да употребува мобилен телефон, како и други уреди на начин што нема да се спречи реакцијата и возењето на возилото. Се предидува и пораст на глоби за возачот кој од земјен пат се приклучува на коловоз, кој има обврска да застане и да ја исчисти земјата од пневматиците.