Пред Основен суд 1 Скопје, вечерва членови на ВМРО-ДПМНЕ протестираат против судската пресуда за поранешниот премиер Никола Груевски.
Како што наведе Алексадар Трајковски, член на партијата и актуелен советник во Општија Гази Баба од ВМРО-ДПМНЕ, тие се собрале бидејќи било јасно дека ова што му се случува на Груевски е политички прогон.
– Она што е смешно во целата ситуација што се води во случајот „Тенк“ е тоа што главниот доказ за таканареченото дело „мерцедесот” е се уште во Владата и секојдневно се користи за потреби на државата, нагласи тој.
Посочи дека СЈО има една цел, и дека таа цел е да работи на уништување на политичката елита на ВМРО – ДПМНЕ.
– Сите обвиненија на СЈО се базирани на незаконски начин како што е тоа во законот за кривична постапка пропишано, нагласи Трајковски кој исто така е обвинет од СЈО за случајот „Насилство во Центар“.
Истакна дека како граѓани на Македонија ги охрабруваат судиите да преземат чекори и да работат во согласност со законот на Македонија и побараа од Кривичниот совет кој ќе расправа по жалбата дадена од Груевски за одложувањето, добро да ги разгледа причините наведени во барањето за одложување и истото да го прифати.
Тие го повикаа претседателот Ѓорге Иванов да донесе одлука со која ќе го прекине овој, како што го нарекоа, политички прогон што се спроведува во Македонија.