Пуштен Коридорот 10: Од Скопје до Белград за три и пол часа


Од Скопје до Белград за три и пол часа. Завршен е јужниот крак од Коридорот 10 во Грделичка клисура што  и официјално е пуштен во употреба. На свеченоста, покрај претседателот на Србија, Александар Вучиќ, премиерката Ана Брнабиќ, претседателот на Република Српска, Милорад Додик и претставници на дипломатскиот кор кај северниот сосед, присуствуваше и премиерот Зоран Заев и министерот за транспорт и врски, Горан Сугарески.

„Така е кога се работи вредно и посветено. Од Скопје до Белград сега ќе се патува за три и пол часа. Автопатот е од големо значење не само за Србија туку и за Северна Македонија, но и за целиот регион“, рече меѓудругото Зоран Заев на церемонијата под мостот кај Владичин Хан што за цело време беше осветлен во српските национални бои (бела, црвена, сина).

„Ова е голем ден за нас. Се воодушевувам на сите што во изминатите години вложија исклучителни напори за совладување на природата и сите пречки во Грделичка клисура и во неа да се изгради единствена сообраќајница што е од посебна и непроценлива вредност. Автопатот, пред се, ќе има големо значење за развојот на регионот, за нови инвестиции, за отворање на нови фабрики и за вработување. Никој не може да ме убеди дека нашите патишта се полоши од оние во Германија и Швајцарија“, истакна српскиот претседател Вучиќ.

Јужниот крај од Коридорот 10 е во должина од 26,3 километри. Дел е од паневропскиот сообраќаен коридор што ги спојува Салцбург во Австрија и Велес во Македонија. Неговата изградба почна во 1970 година, а роковите за изградба во неколку наврати се пробиваа. Активностите во Грделичка клисура стартуваа во 2013 година и бараа најмногу време бидејќи на делницата има преку 30 моста и два тунела од кои тунелот „Манајле“ е најдолг во Србија.

Вредноста на јужниот крак од Коридор 10 е 350 милиони евра, средства што во најголем дел се обезбедени со кредити од Светска банка и Европската инвестициска банка.

Автопатот е опремен со најмодерна сигнализација, а брзината на движење е ограничена на 80 км./ч., но возењето не смее да биде и побавно од 30 км./ч. Низ целата должина е обележан со т.н. вибралинии чија функција е држење на будност на возачите. Времето за минување на делницата низ Грделичка клисура е 20 минути, ограничувањето на тој дел е 100 км./ч.

Tags:

MK News

Автор инфо

No comments yet.

Остави коментар

UA-33057274-1