Реакции од екипата на „Медена земја“: Никој не ја заборави Атиџе


Екипата што стои позади филмот „Медена земја“ кој ја раскажа неверојатната приказна на Атиџе и го допре цел свет, реагираа по апелите за помош за Атиџе кои почнаа да кружат по социјалните мрежи. Тие тврдат дека ниту Атиџе Муратова ниту останатите протагонисти од филмот не се заборавени!

„Документаристичкиот филмски кодекс советува дека филмските работници не треба да ги следат, соработуваат, помагаат или на каков било начин да интервенираат во животот на протагонистите. И покрај оваа практика, ние одлучивме да им помогнеме затоа што целосно се соживеавме со нив, од почетокот на идејата до најзначајните успеси на филмските фестивали. Правилата ги прекршивме со добра намера и притоа ангажиравме тим од правни и социјални работници кои нѐ советуваа како да ја реализираме помошта за Атиџе Муратова и семејството Сем. За таа цел го основавме здружението на граѓани „Бекирлија“ преку коешто досега беа спроведени следните активности за помош на протагонистите: На Атиџе Муратова, по нејзина желба, ѝ беше купена куќа, која дополнително беше комплетно опремена (ентериер, бања, покуќнина, кревет, машини за домаќинство итн.) Обезбедени беа преку сто пакети со храна и лекови и приватни лекарски прегледи. Секоја зима беа обезбедени дрва за огрев.Се погриживме и за нејзините патувањата на фестивалите во светот: Нион (Швајцарија), Сараево (БиХ), Ајвалик (Турција), Њујорк и Холивуд (САД), на кои, покрај билетите за превоз, беа обезбедени и сместување и личен асистент“, стои во соопштението испратено до јавноста.

На отворената сметка за протагонистите се собирале средства, а меѓу другото, како што велат со свои издвоени средства учествувала и Владата, како и Советот на Град Скопје.

„Како дополнителен проблем се јави и социјалната помош, која протагонистите ја земаат редовно. Доколку им беа исплатени други средства, тогаш, по автоматизам, социјалната помош ќе им беше укината. Затоа, од институциите чекавме да биде изработен модел за месечно исплаќање на конкретна сума, без да ја изгубат постојната социјалната помош. Со цел да не се доведува јавноста во заблуда на каков било начин, одлучивме сите досега собрани средства одеднаш да бидат префрлени на протагонистите, наместо да се најде правно решение тие да добиваат месечни надоместоци, а притоа да не биде загрозена социјалната помош што веќе ја примаат. Дополнително, здружението „Бекирлија“, како и страницата за донации, ќе бидат затворени“, се вели во соопштението.

Тие велат дека наведените донации и активности се повеќе од доволен доказ дека ниту Атиџе ниту останатите протагонисти никогаш не биле заборавени од екипата на филмот, туку постојано им помагале.

„Екипата на филмот не заработила од милионските суми, презентирани на некои медиуми. Тие пари завршуваат кај дистрибутерите кои вложија финансии во кампањите за промоција на филмот. Всушност, кампањата за „оскар“ чинеше повеќе од вкупната презентирана сума. Македонија и светот се полни со силни приказни што заслужуваат да бидат документирани, а ние ќе продолжиме да создаваме со несмален интензитет и посветеност“, беше дел од реакцијата.

„Би сакале длабоко и најсрдечно да им се заблагодариме на сите медиумски куќи што од почетокот соработуваат со нас и го поддржуваат филмот. Во меѓувреме, „Медена земја“ продолжува да реди интернационални успеси, признанија и пофалби во светските медиуми, меѓу кои е и репортажата на „Њујорк тајмс“ направена со екипата на филмот и Атиџе во Бекирлија“, соопшти екипата на „Медена земја“.

Share Button
MK News

Автор инфо

No comments yet.

Остави коментар

UA-33057274-1