Во Охридско Езеро при лов на охридска пастрмка за вештачки мрест е уловен толстолобик. Повеќе примероци на толстолобик со просечна тежина од над 2 килограми се уловени во Радожда, Пештани и на Далјанот во Струга, објави Охридскај.
Толстолобикот никогаш го немало во Охридско Езеро и во целиот Јадрански слив. Од каде овој вид на риба се појави во Охридско Езеро засега сите релевантни фактори молчат почнувајќи од научни институции и Министерство за земјоделство, шумарство и водостопанство.
Толстобикот е слатководна риба со потекло од Кина. Го има во некои води во Македонија како во Велешко и во Крушевско езеро и во некои помали акумулации.
Но како оваа риба се најде и е уловена на три локации и тоа од страна на научна институција која врши лов на охридска пастрмка за вештачки мрест останува енигма. Толстолобикот кој на европските простори и во Македонија го има во два вида сив и бел кој многу бргу расте, многу јаде. Неговото црево е 15 пати подолго од неговото тело.
Толстолобикот има широко тело, од страните е сплоснато, главата му е широка и има дебело чело. Името по рускиот збор (толстиј лоб – дебело чело), се храни претежно со фитоплакнтон, алги и едноклеточни организми.
Како толстолобикот како нов неавтохтонен вид на риба ќе се одрази на целокупната флора и фауна на Охридското Езеро никој не знае. Познавачите велат дека оваа грешка веќе не може да се исправи, како и многу други грешки во водите во земјава. Толстолобикот се храни со фитопланктон кој е основна храна на охридските белвица и пастрмка.
Рекреативните риболовци од здружението на рекреативни риболовци Свети Апостол Петар од Охрид јавно прашуваат до кога некој ќе си поигрува со рибниот фонд во Република Македонија, и дали некој конечно ќе сноси одговорност за уништување на рибниот фонд.