На сопствениците на смартфоните кои работат на оперативниот систем Андроид им се заканува нов опасен вирус кој се шири преку смс-порака, и ако се инсталира на телефоните, може да ја избрише целата содржина од мобилниот уред па дури и да извршува повици и да чита пораки.
Овој вирус го откриле стручњаците за безбедност до данската компанија „Хеимдал“ . Пораката со овој вирус е испратена на повеќе од 100.000 мобилни телефони во Данска, а од оваа компанија не се сигурни дали корисниците и во другите европски земји ја примиле пораката со вирусот Маза Бот.
Интересно е што овој вирус не сака да се инсталира на мобилни телефони со руски јазик, а и останатите корисници, ако бидат претпазливи и ги користат стандардните упатства, не би требало да имаат проблем со Маза Бот дури и ако ја добијат пораката.
Стручњаците предупредуваат дека никогаш не треба да се отвораат линкови од имеил, смс-пораки или пораки од Фејсбук, Твитер, Вајбер и други комуникациски сервиси кои ви се чинат сомнителни или кои доаѓаат од непознати лица.
А она што е многу важно е тоа дека сопствениците на смартфони и таблети на кои е инсталиран мобилниот оперативен систем на Гугл секогаш имаат активирана опција која овозможува инсталација на софтвер само од сигурни извори, односно од Гугл плеј, иако и во оваа трговија со апликации и порано биле пронајдени опасни апликации.
Според информациите на „Хеимдал“, корисниците преку смс добиваат порака поврзана со мултимедијална содржина, и со кликнување на таа врска на телефонот се инсталира Тор софтвер кој на криминалците ќе им овозможи анонимно поврзување со телефонот, а преку него и малвер кој може да нанесе голема штета на телефоните – од следење на самиот уред, читање на содржини од телефонот, испраќање на смс-пораки (без знаење на сопственикот на телефонот) на скапи премиум броеви па до можност на бришење на сите податоци од мобилните уреди.
– Може да ви направи голема штета. На пример да направи голема телефонска сметка за која сопственикот на телефонот може да биде одговорен – изјавил Мортен Кјерсгард од „Хеимдал“ за „Би-би-си“.