Не престанува аерозагадувањето во Скопје. По катастрофалниот декември и лошиот јануари и во февруари скопјани дишат загаден воздух, со часовни концентрации на прав до 10 пати над дозволеното. Среднодневната концентрација на ситен прав (ПМ10) на мерната станица Лисиче завчера изнесуваше 241 микрограм на кубен метар воздух, што е за речиси петпати повисоко од максимално дозволената среднодневна концентрација, која не смее да надмине 50 мцг/м3, пишува Дневник
„Макстил“ работи од 6 февруари
Откако се стопли времето, маглата замина, но аерозагадувањето остана. Не се гледа, но скопјани го чувствуваат. Часовните концентрации деновиве во градот се движат од 100 до 250 мцг/м3, а најлошо е во Лисиче, каде што мерната станица покажува часовни вредности и до 400, односно 500 мцг/м3. Kарактеристично за Лисиче е што аерозагадувањето скока во попладневните часови и пикот го достигнува околу 22 часот навечер, а потоа цела ноќ паѓа и наутро е на исто ниво како и на мерните станици во другите делови од Скопје – околу 100. Оваа слика се повторува секојдневно, откако проработе најголемиот загадувач во котлината „Макстил“, чие загадување се отчитува токму на станицата во Лисиче.
– „Макстил“ почна со работа на 6 февруари, во две смени. „Окта“ с` уште не работи – информира директорот на Државниот инспекторат за животна средина, Фирус Мемет.
Маџари е како правосмукалка
Тој вели дека загадувањето скока во вечерните часови не само поради работата на челичарницата, туку и поради тоа што во тој период од денот температурата паѓа, а со неа паѓа и загадувањето кон пониските слоеви на воздухот.
– И кога работат и кога не работат загадувачите, аерозагадувањето се зголемува кога температурата се менува од повисока кон пониска. Во делот кон Маџари и Ченто, пак, традиционално граѓаните повеќе користат јаглен одошто дрва за затоплување. Тој дел е најниската точка во Скопската Kотлина, розата на ветрови е насочена натаму и делот кај Маџари и Лисиче е практично како правосмукалка и сето загадување се трупа таму – вели Мемет.
Зимава Владата поради енормното аерозагадување презеде превентивни мерки за заштита на здравјето на граѓаните и ослободи од работни обврски повеќе категории ризични групи граѓани, како бремените жени, постарите лица и болните од астма. Зимава Владата во повеќе наврати ги предупреди големите загадувачи дека крајниот рок да го завршат еколошкото приспособување е 1 април, а по тој датум загадувачите ќе бидат затворени.