Се воведува прогресивен данок, прагот на одданочување приход од 90 илјади денари


Владата воведува прогресивен данок, а како праг на одданочување ќе се зема приходот од 90 илјади денари за што ќе се плаќа дополнителен данок од осум проценти.

Министерот за финансии Драган Тевдовски денеска на прес-конференција во Владата образложувајќи ги даночните реформи појасни дека за мнозинството граѓани данокот на доход ќе остане ист, додека околу еден процент од населението кое зема поголеми приходи од 90 илјади денари ќе плаќа данок на доход од дополнителни осум проценти.

– Прагот од 90.000 денари го избравме затоа што ги опфаќа најдоходовните еден процент од населението во Македонија. Најдоходовните во Македонија имаат вкупна ефективна даночна стапка која е пониска од онаа на останатите и ова не е праведно. Те кои добиваат најмногу од општеството, да плаќаат најмалку, рече Тевдовски.

Тој посочи дека во 2017 година најдоходовните еден процент луѓе во Македонија заработувале во просек по 4.486 евра месечно што е за 14,4 пати повеќе од просечниот доход на граѓаните во земјата со што Македонија е на прво место во Европа по социјална нееднаквост.

-Зборот е збор. Во нашата Изборна програма, а тоа е влезено и во Програмата на Владата ветивме воведување праведен данок кој имаме обврска да го реализираме. Ова го ветивме затоа што веруваме во солидарноста и дека е човечки оние кои имаат повеќе да им помогнат на оние кои имаат помалку. Само преку помагање можеме да изградиме општество во кое сите ќе имаме доволно, односно еднакви права и можности, истакна Тевдовски.

Додаде дека праведното одданочување е пракса во успешните економии во светот и оти доминира во Европа и САД. Од нашите соседи, Албанија го има земенето рамниот со прогресивен данок уште во 2014 година.

Покрај ова се зголемува и даночното ослободување на платите и пензиите од сегашните 7.500 на 8.000 денари. Со тоа, како што рече Тевдовски, се намалува ефективната даночна стапка за оние граѓани со помали примања.

Македонија, како што појасни Тевдовски, има многу ниски буџетски приходи од 28 проценти од БДП, што е едно од најниските во Европа, а со реформите се очекува да се обезбедат дополнителни 25 милиони евра кои ќе бидат искористени за борба против сиромаштијата.

Share Button

Tags:

MK News

Автор инфо

No comments yet.

Остави коментар

UA-33057274-1