Четиричленото семејство Димитриевски од кумановската населба Карпош, позната како Рајкова Куќа, стравува дека ќе презими на улица, без покрив над главата и топол дом. 33-годишниот Драган со 29-годишната сопруга Благородна со двете деца, четири и пол годишниот Лука и двегодишната Лара, се принудени да го напуштат подрумот, во кој пред четири години по многу расправии со родителите, се преселиле – живееле во тие девет метри квадратни, пишува Канал 5
Во 12-те години брак неколупати се разделувале бидејќи сметале дека снаата Благородна е проблем за родителите на Драган, кои им дале ултиматум до Нова Година да ја напуштат собата која едвај може да се нарече живеалиште. Но и покрај тоа, проблемите не престанувале.
– Сме пробувале, сме се оставале. На секој начин сме правеле, но видовме дека проблемот не е ниту во тоа. Се расправаат со нас нон стоп. За струја, за вода, им сметаме, изјави Благородна Димитриевска.
– Ништо, едноставно вели дека мора да излеземе, а објаснување нема никакво. Ние не разговараме со нив. Не сме во никаков контакт, а ни вршат притисок, вели Драган Димитриевски.
Драган е единственото од петте деца кое неговото семејство не го сака. Неговите чеда не можат да си играат во дворот како останатите деца бидејќи им е страв од нивниот чичко, кој е алкохоличар и спие во соседната соба. Драган по професија е молерофарбар, додека неговата сопруга има завршено курс за болничарка. И двајцата се невработени. Земале социјална помош, но им била укината затоа што работеле сезонски по оранжериите. Се капат во корито, а од домаќинските апарати скоро и да немаат ништо.
– Секој ден, искрено одиме и се молиме за работа, бараме секој ден. Бараме помош и од црквите, барем за децата, изјави Благородна Димитриевска.
Фамилијата на Благородна не е во состојба да им помогне, како што вели таа и тие се социјален случај како нив. Досега само црквата „Свети Никола“ им помага со храна и облека и дел од хуманите граѓани кои слушнале за нивната мака. Не е важно за нас, нека има само за децата, со солзи во очите додаде Драган.