Актерката и фото – модел Моника Спер Моц, некогашна најубава девојка на Венецуела и нејзиниот сопруг, ирски државјанин, убиени се во Венецуела, објави „Индипендент“.
Како што пренесува весникот, нивниот автомобил се расипал на автопатот меѓу Пуерто Кабелја и Валенција и се претпоставува дека се убиени додека покрај патот чекале влечна служба.
Други извори тврдат дека врз автомобилот било пукано во возење, а трети дека прво имале сообраќајна незгода, па биле убиени откако застанале на патот.
Очевидец на настанот е нивната петгодишна ќерка која била во возилото. Девојчето има полесни повреди на нозете и е префрлена во болница.
Полицијата потврдува дека истрагата е во тек и смета дека мотив за убиството е грабеж.
Моника во родната земја беше популарна како екс топ модел, но и по улогите во многу успешни телевизиски „сапуници“.
Титулата мис на Венецуела ја освои во 2004 година.