Што пишува во првиот Извештај на Катица Јанева?


Специјалната јавна обвинителка Катица Јанева денеска поднесе извештај до Собранието на Македонија и со Советот на јавни обвинители, во кој образложува што сработило Специјалното јавно обвинителство во изминатите 6 месеци.

Извештајот е биде предаден до пратениците во Собранието, а ќе се разгледува на Комисија за политички систем и пленарна седница, на кои Јанева треба да го образложи напишаното. Извештајот, како што се наведува во Законот, треба да содржи податоци за активностите на СЈО, вклучувајќи и опис за напредокот во која било истрага или гонење преземено од јавниот обвинител.katica janeva 555

Го објавуваме во целост првиот извештај на СЈО:

Согласно член 7 став 2 од Законот за Јавно обвинителство за гонење на кривичните дела поврзани и кои произлегуваат од содржината на незаконското следење на комуникациите (Службен весник на Република Македонија бр. 159/15) на 15.03.2016 година го поднесувам следниот:

И З В Е Ш Т А Ј

за активностите на Јавното обвинителство за гонење на кривичните дела поврзани и кои произлегуваат од содржината на незаконското следење на комуникациите за период од шест месеци (за периодот од 15.09.2015 до 15.03.2016)

Средствата за работа на ова Јавно обвинителство за 2015 година се обезбедени со Одлука за прераспределба на средства меѓу буџетските корисници на централната власт и фондовите бр.08-5067/1 од 02.11.2015 година на Собранието на Република Македонија (Службен Весник на Република Македонија бр.190/15) во вкупен износ од 63.420.428,00 денари.

Според податоците содржани во завршната сметка за 2015 година, од одобрените средства до крај на 2015 година се потрошени 13.542.671,00 денари или 21,4% од одобрените средства и тоа:
за плати на вработените (13 јавни обвинители) се потрошени 1.682.047,00 денари, од кои 1.118.440,00 денари за нето плати и 563.607,00 денари за придонеси и персонален данок.
за комунални услуги, греење, комуникација и транспорт 439.105,00 денари
за материјали и ситен инвентар 1.356.163,00 денари
поправки и тековно одржување 55.144,00 денари
за договорни услуги потрошени се вкупно 4.835.933,00 денари
други тековни расходи 190.279,00 денари
купување на опрема и машини 600.000,00 денари
за адаптација на зградата во која треба да се смести ова Јавното обвинителство 4.384.000,00 денари

Средствата од финансискиот план за 2015 година кои не се потрошени во износ од 49.877.757,00 денари, на 31.12.2015 година се повлечени во Буџетот на РМ.
Сметам дека е потребно да укажам на неколку причини поради кои финансискиот план за 2015 година не е реализиран. Имено, обвинителството фактички започна да работи во почетокот на месец ноември 2015 година кога беше комплетиран тимот од јавни обвинители – мои помошници, а до крајот на 2015 година не се реализира ниту едно вработување на јавнообвинителски службеници и лица кои вршат помошни и технички работи поради непостоење на соодветна законска регулатива. Поради тоа, средствата потрошени за плати на јавните обвинители се во помал износ од планираните, а средствата за плати на вработените воопшто не се потрошени. Воедно пробивањето на роковите околу комплетирањето на ова Јавно обвинителство, меѓу кои и доцнењето на согласностите од Советот за јавни набавки, влијаеја планираните средства за експертизи, вештачења, договорни услуги, јавни набавки и слично да не бидат искористени во целост.

III. ПРЕДМЕТНО ПОСТАПУВАЊЕ

Како што и претходно споменав, по добиените статистички податоци од Јавното обвинителство на Република Македонија за бројот на оформени предмети за кривични дела поврзани и кои произлегуваат од содржината на незаконското следење на комуникациите, кои се однесуваат на законски предвидениот период и утврдената динамика на работењето, до јавните обвинителства во Република Македонија испратив барање за доставување на пет предмети. Сепак и покрај ваквото мое барање од страна на обвинителствата ми беа доставени сите предмети кои беа оформени за кривични дела поврзани и кои произлегуваат од содржината на незаконското следење на комуникациите, а кои беа наведени во статистичкиот преглед. Иако ваквиот начин на постапување ја наруши динамиката на спроведување на општиот работен план, сепак почнувајќи од 04.12.2015 година, во законскиот рок од 8 дена од приемот на предметите донесов одлуки за надлежноста. Притоа донесени се вкупно 33 решенија, од кои 31 решение за воспоставување на стварна надлежност и две решенија со кои не е воспоставена стварна надлежност бидејќи оценив дека овие предмети ниту се поврзани, ниту произлегуваат од неовластеното прислушкување.

Во извештајниот период од основањето на ова Јавно обвинителство па до 15.03.2016 година во уписникот НСК-КО запишани се вкупно 30 предмети против 80 лица, од кои 29 предмети во 2015 година против 77 лица и 1 предмет во 2016 година против 3 лица. Структурата по кривични дела против вкупно 80 лица е следна: 10 лица за кривично дело “Повреда на избирачкото право” од член 159 од КЗ1, 37 лица за кривично дело “Злоупотреба на службената положба и овластување” од член 353 од КЗ, 12 лица за кривично дело “Повреда на слободата на определување на избирачите” од член 160 од КЗ, 1 лице за кривично дело “Повреда на тајноста на гласањето” од член 163 од КЗ, 3 лица за кривично дело “Злоупотреба на средствата за финансирање на изборната кампања” од член 165 –а од КЗ, 1 лице за кривично дело “Злоупотреба на лични податоци “ од член 149 од КЗ, 2 лица за кривично дело “Присилба” од член 139 од КЗ, 6 лица за кривично дело “Неовластено прислушкување и тонско снимање” од член 151 од КЗ, 1 лице за кривично дело “Шпионажа” од член 316 од КЗ, 1 лице за кривично дело “Насилство спрема претставници на највисоките државни органи” од член 311 од КЗ, 2 лица за кривично дело “Повреда на рамноправноста на граѓаните” од член 137 од КЗ, 3 лица за кривично дело “Изборна измама” од член 165 од КЗ и 1 лице за кривично дело “Уништување на изборен материјал” од член 164 од КЗ. Покрај за наведените кривични дела, за 10 лица се води и постапка и за кривично дело „Злосторничко здружување“ од член 394 од КЗ.

Во уписникот НСК-РО за извештајниот период се запишани вкупно 120 предмети, од кои 50 предмети во 2015 година и 70 предмети во 2016 година. Предистражните постапки се однесуваат на незаконското следење на комуникациите -прислушкувањето, испитување на изборни нерегуларности, како и незаконитости во врска со финансирањето на медиумите, разни злоупотреби на постапки за јавни набавки, даночно затајување, перење пари, разни коруптивни дејствија и разни злоупотреби на службена положба и овластувања, финансиски истраги, како и незаконитости во постапките кои се однесуваат на градежни работи итн.

На 30.12.2015 година од страна на политичката партија СДСМ до ова Јавно обвинителство доставени се еден хард диск и шест кутии со транскрипти во печатена форма кои што по приемот се сместени во сигурносни сефови кои ги исполнуваат безбедносните стандарди за чување на ваков вид на материјали. На 11.01.2016 година донесов Одлука за формирање на комисија составена од јавни обвинители во ова Јавно обвинителство за попис на примените материјали. Со одлуката го определив начинот за евидентирање на материјалите, како и рокот за завршување на пописот кој беше заклучно до 29.01.2016 година. Но, сепак, имајќи го предвид огромниот број и обем на доставени материјали и тековните обврски на јавните обвинители, откако бев информирана за истото од страна на пописната комисија, донесов нова одлука со која првично утврдениот рок го продолжив до 11.03.2016 година. По завршувањето со пописот од страна на Комисијата е констатирана следната состојба:

На екстерниот хард диск се содржани вкупно 546.948 (петстотини четириесет и шест илјади деветстотини четириесет и осум) фајлови, од кои 540.646 (петстотини четириесет илјади шестотини четириесет и шест) се аудио фајлови и 6.302 (шест илјади триста и два) фајлови се со различен формат (word, excel, PDF и други).

Во печатена форма доставени се вкупно 23 (дваесет и три) спирално укоричени книги со вкупно 18.155 (осумнаесет илјади сто педесет и пет) страници, на кои се содржани вкупно 119.088 (сто и деветнаесет илјади осумдесет и осум) транскрипти од разговори и СМС пораки. Доставени се и вкупно 1.828 (илјада осумстотини дваесет и осум) листови со испечатен текст кои не беа нумерирани, а кои Комисијата ги нумерираше со бројки од 1 до 1828.

Од страна на комисијата за констатираната состојба беше изготвен Записник во кој детално се евидентирани примените материјали, кој записник е составен на 619 страни.

Истражните постапки и предистражните постапки се во тек, а се анализираат и сите материјали што се доставени во електронска и во хартиена форма.

Исто така од обвинителството известуваат  дека од денес во функција е нова интернет странаwww.jonsk.mk .

Извештајот можете да го превземете ТУКА

Share Button
MK News

Автор инфо

No comments yet.

Остави коментар

UA-33057274-1