Рајмон Реми, жител на департменот Воклиз на југот на Франција, благодарение на Фејсбук, ја пронашол ќерката која не ја видел 32 години, пренеле француските медиуми.
Средбата полна со емоции се случила изминатиов викенд во градот Нанси каде неговата ќерка Сандра живеела веќе осум години со својот партнер и ќерка. По многу години залудно трагање по општините и социјалните центри кои не сакале да му дадат информации, Реми успеал да и влезе во трага на својата ќерка со помош на сопругата Сузан, која на фејсбук му покажала фотографија од ќерката каде веднаш се видело дека му е слична по иззгледот. Парот минатиот јули и испратил порака на Сандра за роденден, но таа била на одмор и не ја видела.
Меѓутоа, Сандра подоцна ја прифатила поканата за пријателство на Сузан на фејсбук и потоа работите се одвивале по својот тек. Реми пред сегашната средба во Нанси ја видел својата ќерка кога имала само три години. Тој се разделил од мајката на Сандра малку по нејзиното раѓање. Поради својата работа тој морал често подолго да престојува во странство. Врските со мајката и ќерката биле прекинати. Сандра се доверила дека кога била тинејџерка не сакала никакви информации од својата мајка и не сакала да го запознае својот татко.