Oние пратеници кои утре ќе кренат раце да гласаат за уставните промени ја фалсификуваат историјата, a тоа не е само неморален чин, туку и низа кривични дела, изјави вечерва професорката од Правниот факултет „Јустинијан Први“ од Скопје, Гордана Силјановска Давкова, како гостин во „Отворено“ на Алфа телевизија.
Силјановска потсети дека политиката е надвор од границите на правото, дека процедурата е гаранција за демократијата, па го праша претседателот на Владата во која постапка преговара за нови амандмани?
Се знае дека амандмани се поднесуваат во постапка по предлог Законот, тоа значи утре. Но, кај нас се е надвор од процедурата. Ако го споредите првиот текст на Предлогот за отворање на Уставот, кој што беше испратен во Собранието ќе видите дека воопшто не кореспондира со Нацртот. Ако ние ги учиме студентите дека Уставот е над законите и ако сакаме да имаме правна држава тогаш Уставот е најважната рамка за политиката, но во Македонија тоа не важи, вели професорката.
Таа ги нагласи последиците кои ќе произлезат од спроведувањето на Преспанскиот договор.
Далеку од умот е дека на 8 септември повеќе од милион луѓе гласале за Северна Македонија, тоа го пишува во Преамбулата. Постои огромна контрадикција меѓу Преамбулата и членот 36, бидејќи во Преамбулата исто така се почнува со историската меморија, а меморијата е душата на Уставот, вели таа.
Професорката изјави дека поради три провинции во Грција кои се појавиле за првпат на географската карта во 1987 година како региони, не како територијални единици, сега можат како сакаат и кога сакаат да го користат називот Македонија.
А ние, кои барем 74 години живееме во Република Македонија, повикувајќи се на правото на самоопределување мораме да внимаваме дека придавката „Македонија“ не смееме да ја користиме ни пред државните институции, кога во придавката е суштината, вели Силјановска.