Сега сум во Велика Британија, на безбедно… Можам да почнам да го градам мојот живот“, вели Милад за Си-ен-ен, со молба неговото вистинско име да не се објавува, бидејќи се плаши дека семејството, кое го оставил во Сирија, може да се соочи со одмазда.
Милад во Обединетото Кралство од Белгија, влегол скриен во камион на шверцер. Му биле потребни пет неуспешни обиди пред да ја премине границата. Овој 29-годишен обучен стоматолог со месеци бара работа во Британија.
На социјалните мрежи Милад одговара на прашања – може да го прашате сè што ве интересира. Еве ги одговорите на најчестите прашања – зошто бегалците не остануваат да се борат за својата земја, зошто има толку мажи во колоните и каде се жените и децата, кои веројатно и вие барем еднаш сте си ги поставиле…
Милад, ти си млад човек, зошто не остана во својата земја за да сториш сè што е во твоја моќ да ја направиш подобро место на живеење и да си изградиш подобра иднина?
Кога над главата ви летаат бомби и кога постојано слушате пукање, и кога не можете да најдете работа и да заработувате за живот, не е лесно. Војната уништи сè во земјата. Се борите и се борите и се борите и потоа сакате да заминете. Чекате две-три години, и ништо не се менува. Како може да го поднесете тоа? Треба да ги прашате луѓето што страдале од војната. Не е лесно, особено кога гледате дека на луѓето од целиот свет не им е гајле за вас и дека си живеат нормално. И си помислувате дека само вие, само затоа што сте Сириец, треба да се борите и да не живеете нормално. И потоа заминувате за да најдете подобар живот и подобро место на планетава.
Каде ви се жените и децата? Само кукавици ги напуштаат своите жени и деца?
Има многу жени и деца бегалци, но за мажите е полесно да ја напуштат Сирија. Исто така, војската не зема жени и деца да се борат во неа. Мажите не сакаат да се борат ниту за режимот на Асад, ниту против него. Не е лесна одлуката да се напуштат домот и работата. Јас сум млад. Немам куќа и имам време да барам друга работа и друго место за живеење. Но, за татко ми, на пример, кој има 60 години, не беше лесно да одлучи да напушти сè. Тој замина по две години, не заедно со мене, откако сфати дека ништо не се променило и дека ништо не оди како што треба.
Дали Милад го разбира нашиот страв дека терористите од ИСИС влегуваат во Европа и почнуваат војна и тука?
Милад: Се разбира, го сфаќам вашиот страв од ИСИС, но што можам да направам? Ако европските влади сакаат да го контролираат тоа, тие можат. Луѓето поминуваат многу граници. Тие можат да го контролираат тоа и да го внесат во системот.