СЈО со детали зошто не се избрани 7. кандидати за тимот на Јанева


Советот на Јавни обвинители на Република Македонија излезе со детали зошто не се избрани некои од кандидатите од тимот на Специјалниот обвинител, Катица Јанева и реагира на соопштението, во кое Јанева, ги повикува избраните обвинители да не дадат свечена изјава во понеделник.katica janeva2

„Советот на Јавни обвинители на Република Македонија избра седум јавни обвинители за Јавното Обвинителство за гонење на кривични дела поврзани и кои произлегуваат од содржината на незаконското следење на комуникациите и тоа:

1. Бурим Рустеми од Основното јавно обвинителство Куманово

2. Елизабета Јосифовска од Основното јавно обвинителство Гостивар

3. Лејла Кадриу од Основното јавно обвинителство Тетово

4. Љубомир Лапе од Основното јавно обвинителство Куманово

5. Марија Ѓоргева од Основното јавно обвинителство Скопје

6. Стевчо Донев од Основното јавно обвинителство Кочани и

7. Фатиме Фетаи од Основното јавно обвинителство Скопје

Сите избрани јавни обвинители беа известени за изборот како јавни обвинители во наведеното Јавно обвинителство. При тоа, во телефонскиот разговор потврдија дека ќе дадат Свечена изјава во просториите на Советот на јавни обвинители на 19.10.2015 година во 11.00 часот.

На 15.10.2015 година, на службениот телефон на Претседателот на Советот на јавни обвинители се јави Јавниот обвинител Катица Јанева и го извести дека и таа ќе присуствува на Свечената седница за која побара и официјална покана.

На 16.10.2015 година утрината испратена е писмена покана до Јавниот обвинител Катица Јанева, по што и телефонски е известена дека избраните јавни обвинители треба да носат тога на свечената заклетва и присуството повторно беше од нејзина страна потврдено.

На 16.10.2015 година, во претпладневните часови од страна на претставници на медиумите бевме информирани дека Јавниот обвинител Катица Јанева се јавувала по телефон кај избраните јавни обвинители со укажување да не доаѓаат на Свечената седница и да не дадат Свечена изјава.

Советот на јавни обвинители на Република Македонија ја цени ваквата постапка како повторен непринципиелен притисок врз Советот. При тоа истакнуваме, дека јавните обвинители и јавната обвинителка Катица Јанева се избрани да ја вршат надлежноста согласно законот, а не да водат политика.

Уште еднаш ќе појасниме дека на седница на Советот на јавните обвинители на Република Македонија беа изнесени за секој од предложените кандидати одредени податоци во врска со нивната работа.

Се прочита и допис од Основното јавно обвинителство Скопје во врска со петте кандидати кои постапуваа по предметите оформени во врска со неовластеното следење на комуникациите, а тоа се јавните обвинители Ленче Ристоска, Артан Ајро, Трајче Пеливанов, Дарко Јакимовски и Снежана Бундалевска.

За предложениот јавен обвинител Гаврил Бубевски имаше известување дека не постапувал по вакви предмети, бидејќи истиот се изземал од постапувањето поради конфликт на интереси кои произлегуваат од фактот што полномошникот на г. Зоран Заев, адвокатот Филип Медарски е негов кум.

За јавниот обвинител Лиле Стефановска од Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција се наведе дека истата заедно со друг јавен обвинител постапувала во кривичниот предмет во јавноста познат како Пуч.

Веднаш по изборот на седумте јавни обвинители беше изнесено дека нивниот број е доволен според обемот на работа кои го има Јавното Обвинителство за гонење на кривични дела поврзани и кои произлегуваат од содржината на незаконското следење на комуникациите. Ваквата оцена беше профатена од Советот и беше донесена Одлука за определување на број на јавните обвинители во тоас обвинителство согласно член 9 алинеа 8 од Законот за Советот на јавните обвинители на Република Македонија. Доколку обемот на работа би се зголемил Советот ќе донесе Одлука за проширување на бројот на јавните обвинители во тоа обвинителство. Ова значи дека јавниот обвинител Катица Јанева ќе го извести Советот за таквата состојба, по што ќе биде закажана седница и ќе се одлучува по нејзиното барање. За да бидеме појасни, овие состојби со јавните обвинители беа изнесени од Советот веднаш по завршувањето на девеесет и шестата седница на Советот. Досега никогаш не се случило јавен обвинител кој е избран да не присуствува и да не даде Свечена изјава.

Советот на јавни обвинители на Република Македонија јавно ги повикува избраните јавни обвинители да присуствуваат на Свечената седница закажана за понеделник 19.10.2015 година и да ја дадат Свечената изјава согласно законот.

Секое друго постапување Советот ќе го смета како непринципиелно и создавање на притисок“, информираат од СЈО.

Share Button
MK News

Автор инфо

No comments yet.

Остави коментар

UA-33057274-1