Градската власт во врска со претстојните измени на Законот за јавната чистота предлага оние што палат огнови во скопските шуми и паркови да се казнуваат со 200 евра глоба наместо како досега со 50 евра, пишува Дневник.
Исто така од Градот предлагаат на шумарите да им помагаат и полицијата и редарите, бидејќи првите немаат овластувања за казнување.
Градоначалникот Kоце Трајановски смета дека само ригорозни казни се лекот за несовесните граѓани кои зачестено палат огнови или прават скари на јавни места, поточно во рекреативните зони Гази Баба, Сарај, Водно и по парковите и со тоа предизвикуваат пожари, го уништуваат зеленилото и ги загрозуваат животите и имотите на своите сограѓани.
За оваа појава алармираа и граѓаните од општината Гази Баба, на завчерашната средба меѓу месните заедници со градоначалниците на Скопје и на Гази Баба, Трајановски и Тони Трајковски.
– По апел од граѓани од месната заедница „Железара“, поминавме овој викенд и забележавме луѓе како вртат суџук на скара, а притоа во нивна близина немаше ниеден чувар. Земете велосипеди, мобилни телефони од редарите од Градот и притоа информирајте ја полицијата. Ова мора да се реши – потенцира Трајановски.
Авировиќ ги прифати забелешките од граѓаните и од скопскиот градоначалник, со став дека ќе реагираат поагилно за време на викендите, кога овој проблем е најизразен. Тој рече дека деновиве ќе постават и нови табли за известувања за забрана за палење огнови.
– Отсега ќе ја информираме и полицијата, имајќи предвид дека нашите вработени може само да ја регистрираат појавата, но не може да казнуваат. Ќе ги информираме и редарите од Градот, кои имаат овластувања за пишување казни -рече директорот на „Паркови и зеленило“.
Отворање скараџиски парк е добра идеја, но досегашната практика покажува дека такво нешто кај нас е неизводливо да се реализира, одговорија од „Паркови и зеленило“ на прашањето каде скопјани да прават скара, која е во нашата традиција, во услови кога во паркови и по шуми е забрането и се казнува.
– Kај нас проблемот е посложен. Имаме сериозни инциденти со намерно подметнувани пожари, па сегашниот начин со целосна забрана за палење оган на јавни места го сметаме за добар во однос на домашниот менталитет – велат во „Паркови и зеленило“.
Во европските градови има паркови со изградени скари, каде што посетителите само си ја носат храната и подготвуваат скара на оган во природа на безбеден начин.