По Штип епидемија од жолтица прогласена и во Скопје. Во текот на летниот период има регистрирано зголемен број на случаи на заразени од жолтица, информираат од Центарот за јавно здравје Скопје.
На подрачјето на град Скопје има 66 случаи на заразени од жолтица, од кои во Општина Шуто Оризари 21 случај, во Општина Карпош 8, во Општина Чаир 6, во Општина Центар 7, во Општина Кисела Вода 5, во Општина Гази Баба 3, во Општина Аеродром 9 , во Општина Илинден 2, во Општина Ѓорче Петров 3 и во Општина Бутел 2 случаи.
Два различни случаи на заразени од жолтица се забележани и во две детски градинки во Скопје. Од Центарот информираат дека се преземени сите соодветни мерки и дека нема нови заразени.
-Одделението за епидемиологија при Центарот за јавно здравје во Скопје уште откога се појавија првите случаи на заразна жолтица, интензивно и континуирано ја следи состојбата, презема соодветно санитарно – хигиенски мерки и противепидемиски мерки, вели Билјана Даниловска од Центарот за јавно здравје Скопје.
Од Центарот смируваат дека простор за паника нема, а епидемија е прогласена за само дополнително да се зајакне превентивата.
-Простор за паника нема. Истите санитарно – хигиенски и противепидемиски мерки се преземаат и доколку не е прогласена епидемија. Епидемијата е прогласена со цел да се извести јавноста и за да се зголеми вниманието, вели Даниловска.
Таа вели дека секое заразено лице е анкетирано и додава дека во последните десет дена има најголем број пријавени случаи на заразени, односно 21 случај, кои се епидемиолошки неповрзани, освен кај четири семејства со двајца заразени и едно семејство со тројца заразени.
Заразените се на возраст од 3 до 58 години. Најголемиот дел од заболените од жолтица се на возраст од 3 до 14 години (21 случај), потоа од 16 до 25 години (19 случаи), од 29 до 40 години (19 случаи) и од 48 до 55 години (5 случаи). На Клиинката за инфективни болести во Скопје моментално се на лекување 15 лица заболени од жолтица.
Имено, инкубацијата трае од 15 до 30 дена вели Даниловска, која потенцираше дека во текот на овој период заболеното лице од жолтица е заразно за другите. Поради ова се очекуваат и нови случаи на заразени.
Првичните симптоми се лесна температура, болки во зглобовите и мускулите, малаксаност, повраќање. Кога ќе опадне температурата се јавува жолтило на кожата и на белките во очите, темна урина, светла столица. Заболувањето трае отприлика две до три недели, а периодот на рехабилитација е малку подолг.
Точниот извор на заразата не е утврден.
Епидемиолозите од Центарот за јавно здравје како можен извор на зголемувањето на бројот на заразени од жолтица го гледаат во зачестените дождови, собирањето на атмосферската вода, делумното излевање на канализациската мрежа, како и недоволното одржување на личната хигиена и несоодветното миење на овошјето и зеленчукот кои ги консумираме во поголеми количини во летниот период.
Од Центарот како превентивни мерки, пред другото советуваат повеќе да се води сметка за личната хигиена, почесто да се мијат рацете, пред јадење, како и по употреба на тоалетот, да се одржува поголема хигиена во домот, особено во кујната и санитарните јазли, детално да се мијат свежиот зеленчук и овошје пред консумација, како и да се пие исправна вода за пиење, односно да не се користат дополнителни водоснабдителни објекти.
извор: Нетпрес