Јавното претпријатие „Службен весник“ извести дека го објави Законот за јазиците, а смета дека тоа е во согласност со Уставот и законите иако претседателот Ѓорге Иванов не стави потпис на законот.
Од „Службен весник“ се повикуваат на член 52, став 2 од Уставот, кој вели: „Законите влегуваат во сила најрано осмиот ден од денот на објавувањето, а по исклучок, што го утврдува Собранието, со денот на објавувањето“.
„Во согласно со тоа, а во врска со член 51, став 2 од Уставот на Република Македонија, во кој се вели ‘Секој е должен да ги почитува Уставот и законите’ и оваа институција, која е со закон овластена да ги објавува прописите во РМ, своето работење секогаш го остварува во рамките на Уставот и законите и само ја исполнува уставната обврска“, се вели во соопштението на ЈП „Службен весник“.
За објавувањето на Законот за јазиците без потпис на претседателот Иванов, реагира ВМРО-ДПМНЕ, од каде што велат дека директорот Мартин Костовски направил кривично дело што не застарува и за тоа се оди во затвор. Од „Службен весник“, пак, велат дека за секој обид за нарушување на угледот на Јавното претпријатие „Службен весник“ ќе биде поведена соодветна судска постапка.