Град Скопје во соработка со македонската софтверска компанија за развивање мобилни апликации CodeWell, изработи комплетен дигитален туристички водич за градот, кој овозможува едноставен, но истовремено и забавен начин на навигација, достапен за Андроид смарт телефони и таблет-компјутери, пишува Вечер.
Оваа мобилна апликација е лесна за употреба и нуди детален опис на сите знаменитости во градот. Може да обезбеди целосна и организирана посета низ скопските кафулиња, музеи, галерии, цркви, џамии, споменици, традиционални турски амами, ресторани, барови и многу други места.
Корисникот може да добие целосен увид на посакуваната посета која вклучува галерија на слики, мапи, опис на места и рангирање на истите, како и коментари од другите корисници.
Но, она што ја прави оваа апликација уште поинтересна за користење се нејзините карактеристики и можноста корисниците сами да генерираат свој планер, да го додадат на мапата и да го организираат своето време во зависност на интересот за местата кои сакаат да ги посетат. Исто така, оваа апликација овозможува систем за едноставно сликање и споделување на сликата во вид на е-карта, разгледница и на социјалните мрежи.
Оваа апликација обезбедува динамичко информирање на корисниците. Откако ќе биде преземена може да се користи и оф-лајн, а корисникот добива целосен водич со слики, карти и опис на места.
Вечер