Тетовската полиција извести дека на патот од брана Маврово до селото Трница поради снежното невреме блокирани се дваесетина автомобили и комбиња, а во Маврови Анови заглавени се петнаестина автомобили и автобус со патници.
Екипи на Македонија Пат се упатени да интервенираат во расчистување на снегот од коловозите, кој од утрово интезивно и засилено паѓа. Според проценките на службите, снежната покривка на одредени места се движи од 30 до 40 сантиметри.
Поради врнежи од снег воведена е забрана за движење на тешки товарни возила на патниот правец Гостивар-Стража-Кичево, како и на патниот правец Р1202 од Мавровска крстосница Маврови Анови -Дебар, информира Авто-мото сојузот на Македонија (АМСМ).
Оттаму посочуваат дека сообраќајот на останатите државните патишта се одвива по претежно влажни коловози.
Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен., а на граничните премини нема подолги задржувања за влез и за излез од државата.
АМСМ препорачува внимателно возење, прилагодена брзина на движење и почитување на поставената сообраќајна сигнализација. Посебно внимание е потребно на делниците кои минуваат низ клисурите и засеците, особено на патните правци Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Демир Капија – Удово, Кочани – Делчево, Виница – Берово каде е можна почеста појава на одрони.