Со 83 гласа „за“ и само три „против“ собранието ја повлече одлуката за самораспуштање. Одлуката беше донесена без дискусија туку само со процедурални забелешки од пратеникот на СДСМ, Горан Сугаревски и Илија Димовски од ВМРО – ДПМНЕ.
Според предлогот на ДУИ распуштањето на парламентот треба да се помести за 7 април и согласно пропишаниот минимум од 60 дена по распуштањето да се одржат избори, тоа се совпаѓа со датумот 5 јуни, ова за Телма го соопшти Талат Џафери, координатор на пратеничката група на ДУИ.
Одлуката е предложена од пратениците од ДУИ и ДПА, а потпишана и од пратеничката Лилјана Поповска.
Со одлуката се предвидува менување на членот 2 од веќе донесената одлука Парламентот да се распушти на 24 февруари и се бара тој датум да биде 7 април оваа година.
Доколку се земе предвид дека Парламентот се распушта 60 дена пред одржување на изборите, предвремените парламентарни избори треба да се одржат на 5 јуни.
На почетокот на седницата, претседателот на Парламентот Трајко Вељановски информира дека вечерва министрите и дополнителните заменици министри од СДСМ лично ги повлекле условените оставки што денеска ги поднесоа до Владата.