Пратениците одлучија и изгласаа распуштање на парламентот со цел одење на предвремени парламентарни избори. Одлуката беше донесена едногласно, со 117 гласови „за“ од 117 присутни пратеници.
Иницијативата за распуштање на Собранието во саботата ја поднесе Демократската унија за интеграција (ДУИ) откако не беше исполнето нивното барање за консензуален кандидат за претседател на Република Македонија.
Владејачката ВМРО-ДПМНЕ во саботата објави дека прифаќа одржување предвремени парламентарни избори на 27 април, односно на вториот круг од претседателските избори. Опозициските СДСМ и НСДП исто така ја прифатија иницијативата на ДУИ.
Според Уставот, Собранието се распушта ако за тоа се изјаснат мнозинството од вкупниот број пратеници.
– ВМРО-ДПМНЕ не подлегнува на уцени и закани. Веќе е јасно зошто бараат консензуален кандидат, за да не го добијат, и, како што отворено најавија, да одат на обид за пропаѓање на претседателските избори, а потоа да извршат притисок за промена на Уставот со цел партиите, а не граѓаните да го бираат претседателот на државата. Но, тоа не е крајната цел, рече Груевски на Конвенцијата за избор на претседателски кандидат.