Собранието со 81 гласа „за“ попладнево го донесе по скратена постапка Законот за спречување на корупцијата и судир на интереси, во рамки на денешната 80. седница.
Министерката за правда Рената Дескоска рече дека денеска пред пратениците е квалитетен европски закон во кој се инкорпорирани препораките на Европската комисија и експертската група на господинот Прибе.
” ДКСК ќе врши контрола на финансирањето на политички партии, која ќе биде превентивна врз основа на годишен план, но и по поднесена пријава. Граѓаните имаат право врз основа на општ член да пратат иницијатива до ДКСК и доколку е основана комисијата по службена должност почнува постапка за контрола на финансирањето”, изјави Дескоска.
Нагласи дека не смее да ни се повтори праксата постапките да завршуваат во фиока на ДКСК и за таа цел се донесени рокови во кои таа мора да постапува.
” Новина е обврската ДКСК да прави проценка на ризик од корупција и на годишен план за проверка на анкетни листови на функционери и финансирање на политички партии, дури и кога нема сомневања. ДКСК ќе има директен увид во банкарските сметки на носители на јавни функции и ќе има директен пристап во најмалку 64 бази на податоци за вкрстена проверка на имотната состојба. Внесена е надлежност ДКСК да испитува и евентуални сомневања за корупција при јавни набавки”, изјави Дескоска.