Сочувство за смртта на Џон Битов


Претседателот на Република Македонија Ѓорге Иванов упати писмо со сочувство до Џон И. Битов, помладиот, по повод смртта на канадскиот стопанственик со македонско потекло Џон Битов.

Иванов на 10 септември 2011 година го одликуваше Џон Битов со Орден „8 Септември“, за исклучителната посветеност и ангажираност во поддршката на напредокот на Република Македонија и нејзина афирмација во светот како независна и демократска држава, како и за придонесот во развојот и унапредувањето на односите и соработката со пријателска Канада.

Иванов наведува дека со длабоко жалење ја примил веста за смртта на неговиот татко.jon bitov 2

– Џон Битов беше голем македонски родољуб и филантроп, кој ја сакаше Македонија и со зборови и со дела. Тој даде пример за тоа како треба да се промовира вистината за Македонија и како треба да се негуваат македонското име, идентитет и вредности. Во таа смисла, тој беше уверен дека никој не може да ни ја одземе нашата сопствена независна земја со слободите кои се заработени и името кое е избрано од страна на Македонците, стои во писмото со сочувство до семејството Битов.

Речиси четврт век Џон Битов, посочува Иванов, упорно работеше за поддршка на развојот и за напредокот на Република Македонија како независна, суверена и демократска држава, како и за нејзина меѓународна афирмација, особено во односите со пријателска Канада. Затоа, кога прославувавме 20 години од независноста, ја имав честа, во името на благодарните македонски граѓани, да го одликувам господинот Џон Битов со Орденот „8 Септември“.

– Многумина Македонци се инспирирани од него и чекорат по неговите стапки, инвестирајќи во својата татковина. Република Македонија е горда што го имаше Џон Битов кој ја поддржуваше државата и ги застапуваше нашите интереси на глобално ниво. Тој започна процес на сплотување за повисоката цел и јас сум навистина почестен што лично го познавав, наведува претседателот Иванов.

Пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ денеска упати телеграма со сочувство до семејството на канадскиот стопанственик со македонско потекло Џон Битов посочувајќи дека тој беше еден од најголемите пријатели и поддржувачи на Република Македонија.

Пратениците изразија благодарност за досегашната, како што наведуваат, несебична афирмација и промоција во светот на Република Македонија како независна и демократска држава, како и за унапредувањето на македонско – канадските односи.

– Пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ со длабоко жалење ја прими веста за смртта на г-динот Џон Битов. Од името на целата пратеничка група на ВМРО-ДПМНЕ изразуваме искрено сочувство за големата загуба до семејството Битов. Г-динот Џон Битов беше голем човек кој што ја сакаше Република Македонија за што говорат неговите големи дела за нашата земја. Неизмерно сме благодарни за несебичната поддршка и исклучителната посветеност и ангажираност за промоција и афирмација во светот на Република Македонија, нејзиното име, иденитет и вредности, стои во писмото со сочувство.

Неговата долгогодишна работа за поддршка на развојот и напредокот на Република Македонија како независна, суверена и демократска држава ќе биде дополнителна инспирација за многу сегашни и идни генерации на Македонци, кои ќе решат да чекорат по неговите стапки, стои во текстот.

Како потврда и благодарност од македонските граѓани, Битов беше одликуван со Орденот „8 – ми септември“ за застапувањето на македонските интереси на глобално ниво.

Share Button
MK News

Автор инфо

No comments yet.

Остави коментар

UA-33057274-1