Стравична сообраќајка кај штипската населба Три Чешми. Вечерва околу 18 часот на регионалниот пат Штип-Велес на излезот од градот дојде до судир на патничко моторно возило и комбе. Несреќата се случила кога возачот на автомобилот излегувајќи од бензинската пумпа, се судрил со минибусот кој сообраќал по коловозот.
– Од бензинска пумпа еден излезе со кола пред нас и шоферот немаше каде да оди. Да го избегне него и добро е во нива што отиде, таму имаше вода и тоа не задржа, иначе…Изјави Никола Катачиќ, патник во минибусот
Во минибусот се превезувале 10 патници, помеѓу кои и една трудница. Во моментот на ударот во комбето настанало паника.
– До мене седеше бремена жена во 5-ти – 6-ти месец. Не можев да и помогнам, само ги држев луѓето да не ја прегазат, оти доле беше падната-изјави Даниела Василева, патник во минибусот
За среќа, бремната жена веднаш била пренесена во штипската болница од лице кое патувало од Велес кон Штип.
– На лице место бев на сообраќакта. Ја земав со мене и со колата ја донесов во болница.- изјави Маја Лазарова
На лице место за кратко време пристигнала и брза помош и противпожарната екипа.
– Го извадивме возачот на патничкот возило, а потоа пристапивме и кон вадење на сите лесно повредени во минибусот-изјави Кире Патракливе, командир на ТППЕ- Штип
Десет лица кои се превезувале со минибусот биле полесно повредени и се пренесени во штипската болница.
– Мене устата и прстот ми е пресечен, се држев за седиште-изјави Катачиќ
– Сега сум добро, подобро, удрена сум во коленото и главата-изјави Василева
Двајца од нив по извршениот преглед и укажаната примарна помош се пуштени, а останатите 8 лица се упатени на дополнителни лекарски прегледи, за да се добие подетална слика за нивната здравствена состојба.
– Испратени се на обични рендгенографи, на компјутерска томографија и слично-изјави д-р Александар Стојановски, директор на Клиничка болница Штип
Возачот на автомобилот се здобил со најтешки повреди, поради ште ќе биде пренесен во скопски клинички центар
– Со повреди на лев ’рбетен кош, заедно со повреда на лево белодробие, нагмечување и повреда на кичмен дел од ’рбет, така да истиот ќе биде транспортиран за Скопје-изјави д-р Стојановски
Тешко е повредено и уште едно лице, чии повреди се дијагностицираат, со кој како резултат на сообраќајната несреќа има вкупно 12 повредени патници во двете возила.
Kurir.mk